КОЛЕВ: СО ДОБРА ТУРИСТИЧКА ПОНУДА И БЕЗ КРАДЕЊЕ НА ПАРИТЕ ОД ЕУ, МОЖЕМЕ ДА ГИ СПАСИМЕ МАКЕДОНСКИТЕ СЕЛА ОД ИСЧЕЗНУВАЊЕ
„Викендот го поминав во Пробиштип и околината. Го посетив и родното селото на мојата баба Марчино. Едно прекрасно место, со прекрасна природа, уникатни погледи и извори на вода, како и архитектура, црква и историја кои се повод за гордост и интересна атракција. Во околината се добива мед кој е еден од најквалитетните не само во Македонија, но и во Европа.
За огромна жал, Марчино е веќе пусто село, без жители. Ова е судбината на многу наши села, а вака како што се движат работите скоро ќе биде судбина и на некои од помалите градови.
Марчино, но и другите села во регионот можат да бидат прекрасна туристичка дестинација за селски и етно туризам. Претставете си ја само следната туристичка понуда:
„Посетете го Марчино, престолнината на медот на Балканот! Посетете ја црквата Св. Илија која е изградена кон крајот на 19-тиот век, вкусете ја природната вода која извира од марчанските чешми дирекно идејќи од недрата на планината, пробајте ги вкусните баници, зелници и други уникатни специјалитети од марчанската традиција, како и зимниците и домашните ракии направени по дедовите рецепти. Ако сте љубител на планинските прошетки, ова е вашето место. Природата и планината ќе ве прегрнат, а чистиот воздух ќе ве прероди. Можете да ја имате и вашата специјална маричанска прошетка низ планината со коњ или магаре, нешто кое се доживува еднаш во животот.
Ако сте љубители на офроуд и мото крос, не ги заборавајте вашите џипови и мотори, тукашните терени ќе ве наполнат со адреналин и прекрасни емоции.
Повелете во Марчино, балканската престолнина на медот!”
Ако на ова се додаде и с. Лесново и Лесновскиот манастир како и градот Пробиштип како целина, туристичката понуда ќе биде на светско ниво.
Јас вака го разбирам регионалниот развој и развојот на туризмот. За ова можат да се обезбедат средства од Европската Унија, да се мотивираат луѓето од регионот да се вклучат и да им се обезбеди можност за сопствен семеен бизнис.
За ова не е потребно многу, едноставно конкретна идеја која ќе биде сработена и се разбира најважното да се инвестираат средствата каде што треба, а не некој да ги искраде“, напиша на својот фб профил претседателот на ГДУ, Петар Колев.
