ПРАТЕНИЦИТЕ НЕ ГИ ИЗГЛАСАА ЕКОНОМСКИТЕ МЕРКИ ЗА КОИ ВЕЛЕА ДЕКА СЕ ИТНИ, ЏАФЕРИ НАЈАВУВА КАРАНТИН

//

Без да се изгласа петиот пакет на антикризните мерки и со жолчни кавги доцна синоќа заврши натегањето на пратениците од власта и од опозицијата како да работи парламентот. Координаторите на пратеничките групи, дел од пратениците и претседателот на парламентот повеќе од два часа, преку процедурални забелешки, расправаа дали да се гласа за 21 точка од 32-та седница и потоа да продолжи 36-тата седница или да се одложи гласањето поради немање кворум и да продолжи 36 седница, на која се и три закони од петтиот пакет антикризни мерки.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески соопшти дека тројца пратеници од нивните редови се во болница поради Ковид-19, и поради тоа владејачкото мнозинство нема кворум. Претседателот на Собранието Талат Џафери инсистираше да се изгласа 21 точка од 32 седница, па потоа да се продолжи со 36-тата седница, а опозицијата бараше да се одложи гласањето доколку парламентарното мнозинство нема кворум и да се почне со 36-тата седница. Опозиционерите одлучија да излезат од салата за да не создадат кворум за гласање по точките од 32 седница.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ чекаа пред салата и бараа од него да ја прекине 32. седница и да ја почне 36. седница, на која на дневен ред се законите од петтиот пакет економски мерки. Единствен пратеник во салата од ВМРО-ДПМНЕ беше Никола Мицевски, кој побара од Џафери да ја почне 36.седница.

-Прекинете го овој циркус и ајде да ја почнеме 36.седница и да ги донесеме законите од економскиот пакет, рече Мицевски.



Спикерот Џафери тоа не го прифати.

Џафери на крајот на пратениците им кажа дека денеска ќе има состанок со останатите потпретседатели на Собранието, со кои ќе разговара за евентуално воведување на карантин за Собранието. Тој не објасни што треба да значи тоа и колку ќе трае, а околу ова се побунија пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Претходна статија

ОСУМ МРТВИ И МНОГУ ПОВРЕДЕНИ ВО ОРУЖЕН НАПАД ВО ИНДИЈАНАПОЛИС

Следна статија

ЛИШЕН ОД СЛОБОДА АГЕНТОТ ЗА НЕДВИЖНОСТИ КОЈ ПРИ ПРОДАЖБА НА СТАНОВИ ОШТЕТИ ПОВЕЌЕ ГРАЃАНИ

Најново од Вести