ПРИВЕДЕН ДРАГИ РАШКОВСКИ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР

//

Полицијата го приведе поранешниот секретар во кабинетот на премиерот и поранешен генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, во рамките на истрагата во случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци. Приведен е и Даниел Станчев, сопственик на фирмата „Инвока груп“, од која е набавен софтверот.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против четири лица за злоупотреба на службената положба и овластувањето.

„Во временскиот период од јануари 2019 година до јули 2020 година, првоосомничениот како службено лице, помогнат од другите осомничени лица, со умисла извршил три временски поврзани дејства, што претставуваат повеќекратно остварување исто дело. Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување техничка спецификација за јавната набавка. Четвртоосомничениот како надворешен соработник пренесувал информации за текот на постапката на осомничените – учесници во јавната набавка. Во текот на постапката за јавната набавка, наместо комуникацијата да се извршува со користење електронски средства преку Електронскиот систем за јавни набавки, со цел фаворизирање конкретен економски оператор првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот“, соопшти Обвинителството.

На 2.1.2020 година првоосомничениот донел одлука за избор на најповолен понудувач за економскиот оператор, каде што сопственик и управител е второосомничениот и бил склучен договор за набавка на услуги. Во јули истата година економскиот оператор доставил фактура на износ од 4.997.300 денари со вклучен 18 % ДДВ, па иако софтверот не бил имплементиран, фактурата во рок од седум дена била исплатена.

Летото 2019 година првоосомничениот донел уште две одлуки за јавна набавка на работи за потребите на софтверот иако во тоа време сѐ уште не бил склучен договор за набавка на таков софтвер. Со избраните економски оператори како најповолни понудувачи биле склучени договори на износ од 1.416.000 денари со вклучен 18 % ДДВ и од 4.605.021,00 денари со вклучен ДДВ.

„Со дејствата што ги извршил првоосомничениот со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка спровел јавни набавки спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства и за три економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за нив и притоа да се стекнат со противправна имотна корист на штета на буџетот на РС Македонија во вкупен износ од 11.018.321 денар“, се наведува во соопштението.



Надлежниот јавен обвинител, ценејќи дека постојат околности што укажуваат дека постои опасност од бегство, криење и влијание врз сведоци, за двајцата првоосомничени до судот достави предлог за определување мерка притвор.

За другите осомничени даде предлог на судот да им определи мерки на претпазливост, и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на осомничените да се јавуваат повремено кај определено службено лице или определен државен орган; привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање определени работни активности, кои се поврзани со кривичното дело, односно забрана за учество во спроведување постапки за јавни набавки.

Следејќи ги повеќедневните написи во медиумите за набавката на софтверот, Обвинителството на 18 март годинава отвори предистражна постапка.​

Рашковски завчера поднесе и оставка од функцијата што неодамна ја доби – секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата.

Претходна статија

ВАСИЛ ГАРВАНЛИЕВ ПО НИЗАТА ОБВИНУВАЊА: ТОА БЕШЕ ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛЕН НАПАД

Следна статија

ВО БОЛНИЦИТЕ НИЗ ЗЕМЈАВА СЕ ЛЕКУВААТ 1.708 КОВИД-ПАЦИЕНТИ

Најново од Вести