„ОРЕСТИЈА 1/4“ НА РЕПЕРТОАРОТ ВО МКЦ
Во МКЦ, вечерва, со почеток од 20 часот, во салата „25 Мај“, ќе се одржи изведба на претставата „Орестија 1/4“.
Претставата е дел од The Chorus Project – проект поддржан од „Креативна Европа“, во копродукција на МКЦ – Скопје, Апстарт театар од Лондон, „Патос“ од Минхен и Театар ам ленд од Грац.
Во претставата играат: Орест – Стефан Вуисиќ, Електра – Наталија Теодосиева, Хороводецот – Жарко Јовановиќ, Клитајмнестра – Драгана Лошкова, Ајгист – Димитрија Доксевски.
The Chorus Project е поддржан од „Креативна Европа“, а во копродукција на МКЦ – Скопје, Апстарт театар од Лондон, „Патос“ од Минхен и Театар ам ленд од Грац.
Основната идеја на The Chorus Project е реобмислување на улогата на хорот во античката трагедија „Орестија“ од Ајсхил, во однос на денешниот социо-политички и културен контекст, и тоа: што значи демократија во 21 век, што значи да се биде граѓанин, што значат Европа и европската иднина, како да се поврзат локалното и глобалното, што е индивидуалното наспроти колективното? Накусо, како да се претстави демократијата на сцена?
Иако е познато дека „Орестија“ е трилогија, The Chorus Project ќе се обиде да го обмисли и загубениот четврти дел, сатиричната игра.
Проектот истражува како да се креира граѓански дијалог оперирајќи на три основни нивоа:
- Транснационално, помеѓу професионални уметници од четирите земји учеснички;
- Локално, помеѓу професионалните уметници и граѓаните како дел од хорот во секоја земја одделно;
- Транснационално, помеѓу претставниците на хоровите од секоја земја.

