| |

ОСМАНИ ДО ПАРТИИТЕ: ДОНЕСЕТЕ ГО ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ПРЕД ИЗБОРИТЕ

Вицепремиерот Бујар Османи смета дека законот за Јавно обвинителство, кој со месеци е заглавен во Собранието, треба да биде донесен до 3 февруари, кога и ќе се одржи последната пленарна седница. Османи ги повика партиите да ги надминат партиските разлики бидејќи носењето на законот е важно за Холандија и Франција, кои треба да овозможат пристапни приговори со Европската Унија.

„Независно што на сите ни е јасно дека прашањата што требаше да ги регулираат со законот за Јавното обвинителство се веќе регулирани, тука мислам на преземање на архивата, предметите. Сепак, носењето на законот има симболично значење, тој се изгласува со 2/3 од пратениците, тоа е консензуално вклучување на сите партии во борбата со корупцијата. Законот е особено важен за Холандија и Франција. Повикувам политичките партии да ги надминат партиските разлики и да се донесе законот. Имајќи превид дека сите прашања се суштински решени, ние мора да најдеме компромисно решение по однос на законот за Јавното обвинителство“, посочи Османи.

Тој повтори дека носењето на овој закон не е формален услов за преговори со Европската Унија, но некои од земјите членки сметаат дека е важен предуслов за воспоставување правна држава.

„Законот за Јавното обвинителство не е формална одредница, не е впишан во документите на ЕУ. Затоа имавме чиста препорака. Индивидуално, земјите членки сметаат дека овој закон е важен предуслов за воспоставување правна држава. Пред сè, носењето на законот е знак на зрелост. Надминување на партиските разлики. Затоа, мислам дека е важно носењето на овој закон иако прашањата се решени бидејќи Јавното обвинителство продолжи таму каде што СЈО застана“, додаде Османи.

Извор: Макфакс

Слични Објави