ОСМАНИ: ЕВРОПСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ НУДАТ МОЖНОСТ ЗА ДОЛГОРОЧЕН И СТАБИЛЕН РАЗВОЈ

Во претставништвото на УНДП во Брисел, денеска се одржа панел – презентација на студија насловена „Европскиот пат на Република Северна Македонија: Постигнување на побрз, поинклузивен и одржлив раст”, која претставува заеднички проект на Секретаријатот за европски прашања и канцеларијата на УНДП во Скопје.

„Главната цел на оваа обемна долгорочна студија е да обезбеди рамка за интегрирање и креирање политики на долг рок, во рамките на неколкуте декади пред нас, кои се засноваат врз емпириски докази, имајќи го во предвид влијанието на реформите и самиот процес на пристапување во ЕУ”- истакна Османи во своето воведно обраќање, посочувајќи на содржината на студијата која обезбедува јасна слика за потенцијалите кои ѝ се отвораат на земјава во процесот на европски интеграции.

„Ако се потпреме само на сегашниот тренд на намалување на невработеност, можеме да очекувамe стапката на невработеност во 2035 година да се намали на 14%; но доколку ги искористиме потенцијалите кои ни ги нудат европските интеграции, постои остварлива можност невработеноста да ја намалиме на историски ниско ниво од само 8%” истакна Османи, посочувајќи на делови од студијата.

„Преку имплементацијата на реформите, но и преку ефикасно искористување на соодветните европски фондови, имаме реална и опиплива можност да постигнеме стабилен и континуиран раст на Бруто домашниот производ, преку кој до 2050 година можеме да го достигнеме просечното ниво на економски развој на земјите – членки на ЕУ”, посочи Османи. „Тоа не е краток период, но стабилниот развој ќе значи континуиран раст на примањата, унапредување на услугите на државата, подобро здравство, подобро образование – сѐ на сѐ, подобар стандард за граѓаните” истакна Османи

Наоди од студијата, пред присутните гости беа презентирани од страна на Фатмир Бесими, Советник за економски прашања при Владата на Република Северна Македонија и поранешен Вицепремиер за европски прашања, кој воедно е и еден од нејзините автори.

На панелот покрај Османи се обрати и постојаниот претставник на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакјан, раководител на Одделението за Република Северна Македонија и Косово при Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија (ДГ НЕАР), ДејвидКулен,како и претставникот на канцеларијата на УНДП од Брисел – Томас Дедерувардер.

Панел презентацијата во Брисел ја следеа голем број присутни ЕУ амбасадори и постојани претставници во Брисел на земјите – членки, бројни делегатите од работната група на Советот на ЕУ за Западен Балкан (КОВЕБ), европарламентарци, претставници на генералните директорати кои се задолжени да ги следат состојбите во Северна Македонија и Западен Балкан, претставници од кабинетите на новите комесари при Европската Комисија, како и други претставници на меѓународни и регионални организации и членови на тинк-тенк групи со седиште во Брисел.