Село Атолово во Бугарија, изградено за бежанците од Источна Тракија и Егејска Македонија ќе одбележи 100 години од своето постоење
Село Атолово, општина Стралџа е единственото село во Бугарија изградено специјално за бежанците од Тракија и Македонија со помош на странска хуманитарна организација. Селото ќе одбележи 100 години од основањето на 29 август со концерт на Здравко Мандаџиев и средба на потомци на првите доселеници, јавува БТА.
Атолово било создадено за бежанците од Источна Тракија и Егејска Македонија. Неговата историја започнува во 1925 година, кога семејствата живееле во шатори, а британската фондација „Спасете ги децата“ почнала да го гради населеното место, изјави за БТА Петја Проданова, главен експерт во Државниот архив – Јамбол.
Според најприфатената верзија, Атолово го носи името на англискиот благородник лорд Атол, чија сопруга ја исполнила неговата волја да изгради село за бежанците во Бугарија. До 30 декември 1926 година биле изградени 80 куќи, а во 1928 и 1929 година уште 50. Семејствата добиле дворно место од 1.500 квадратни метри, 50 декари обработливо земјиште и градина од еден декар.
Училиштето било отворено на 10 декември 1925 година, уште пред да заврши изградбата на куќите. Селото свечено било осветено на 21 ноември 1926 година, во присуство на цар Борис Трети, премиерот Андреј Љапчев, Сливенскиот владика и дипломати.
„Ова е пример за хуман однос, христијанско милосрдие и толерантност, кои можат да бидат пример и денес“, истакна Проданова.

