|

Османи: Или сме со ЕУ или со српскиот свет

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, порача дека Северна Македонија веќе има обезбедено сите неопходни гаранции од Европската унија и дека сега е потребна јасна политичка одлучност.

„Северна Македонија ги доби гаранциите во моментот кога ја дефинираше преговарачката рамка. Таму сите прашања се регулирани. Сега не треба да се злоупотребува темата за ЕУ,“ истакна Османи.

Тој нагласи дека европската перспектива на државата е директно поврзана со историските предизвици и притисоци од „српскиот свет“, кој, како што рече, и денес функционира како паралелен систем што ја саботира европската агенда.

„Сега има две опции – или си со ЕУ или си со српскиот свет, сива зона нема. Тие се меѓусебно поврзани. Секој што прави чекор кон ЕУ, се оттргнува од српскиот свет. И, дали сте забележале? Секој што прави чекор кон ЕУ станува цел на напади,“ изјави Османи.

Потсетувајќи на историските искуства, тој ја нагласи тежината на оваа дилема:
„Знаете кога се случи атентатот врз Глигоров? Еден ден откако се врати од Белград и соопшти дека ќе се оттргнеме од Југославија. Знаете ли зошто секој обид за договор со Бугарија и со Грција, или за приближување на земјата кон ЕУ, наидува на демонизација и пропаганда? Затоа што секој чекор кон ЕУ е чекор на оттргнување од српскиот свет. Секој чекор назад е чекор кон српскиот свет.“

На крајот, Османи остро ја нападна актуелната влада, обвинувајќи ја за попречување на евроинтеграциите:
„Оваа влада ја блокира европската перспектива, затоа сме претворени во бебе на српско-рускиот свет, кој ги има заробено сите инструменти.“

Слични Објави