|

Османи на средби со министрите на Ерменија и Азербејџан: Употребата на сила за решавање на споровите е неприфатлива

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи оствари одвоени средби со министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејхун Бајрамов и министерот за надворешни работи на Ерменија, Арарат Мирзојан на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

На средбите тој ја изрази својата длабока загриженост за воените операции во регионот, како и за опасноста и влијанието врз погоденото цивилно население. Повикувајќи на итна деескалација, повторно изрази загриженост за сериозните последици врз луѓето, особено за ранливите групи.

„Хуманитарните аспекти мора да преовладуваат и хуманитарните потреби на локалното население мора да бидат овозможени“, подвлече на средбите Османи.

Претседавачот истакна дека употребата на сила за решавање на споровите е целосно и секогаш неприфатлива и дека одржливиот, конструктивен дијалог во добра верба е единствениот пат кон траен мир.

Тој ја повтори и својата подготвеност за личен и активен ангажман и истакна дека ОБСЕ, како организација е подготвена да им помогне на Ерменија и Азербејџан на патот кон мирот.

„ОБСЕ поседува потребно искуство, експертиза и алатки за олеснување на дијалогот и градењето доверба и спроведување на релевантните договори“, рече Османи на одвоените средби со министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан, Мирзојан и Бајрамов.

Слични Објави