| |

Османи: Нашиот став за францускиот предлог ќе го кажеме кога ќе дојде време за тоа

Ние немаме формално добиено предлог, треба кај нас да стигне како кандидат откако Унијата ќе усогласи став. Се разбира, јас имам начин како да имам пристап до тој документ, правиме анализа, но, ќе кажеме наш став за сите прашања кога ќе дојде време за тоа, кога ние ќе сметаме дека ќе биде во наш интерес тоа да го направиме, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање за прифатливоста на измените во преговарачката рамка што ги предлага Франција Османи рече дека ги следи со внимание сите јавни објави и сите реакции на граѓаните, и како што рече, „се разбира би сакал да можам да кажам повеќе“.

– Меѓутоа, тоа што се случува е дека вчера има предлог на претседателството до земјите членки вклучувајќи ја и Република Бугарија, за да се изјаснат за одредени идеи кои што француското претседателство смета дека можат да бидат основа за продолжување на процесот. Јас мислам дека не е во наш интерес ние да ги кажеме нашите позиции во однос на таквите предлози додека не ги слушнеме позициите на земјите членки, откако земјите членки ќе ги изразат своите забелешки, а тоа се 26 земји членки, секоја да каже свој став, рече тој.

Дополни дека доколку се унифицира, доколку и Република Бугарија го каже својот став, тогаш, како што посочи, и ние ќе ги кажеме нашите ставови.

– Очекувам разбирање, правиме анализа на секој збор, на секоја реченица, но сметам дека треба да ја испочитуваме процедурата, да чекаме како ќе се изјаснат 27 земји членки, односно 26, имајќи предвид дека Франција има дистрибуирано свој став, посочи тој.

Извор: Zoom.mk



Слични Објави