| |

ЕУ ни дојде дома, време на созревање …

Facebook статус на Никица Корубин

Поминаа речиси три години од почетокот на ескалацијата на спорот со Бугарија. Летото 2019 година, во периодот кога згаснуваше СЈО, се носеше новиот закон за јавното обвинителство, а кога јавноста се занимаваше со големи корупциски афери; прашањето за Гоце Делчев остануваше во сенка. А, особено останаа во сенка предложените датуми за негово заедничко чевствување, прифатливи за двете страни. Проблемите веќе се назираа, а шпекулациите се зголемуваа. Една од тие, во услови на се’ уште до ден денес непознат исход на средбите на Комисијата за историски и образовни прашања; беше и наводниот предлог за заеднички датум за чевствување на Гоце Делчев, да биде датумот на пренесувањето на неговите мошти од Бугарија во Македонија. И како шпекулација, звучи како провокација и го отвара прашањето, зошто ние би имале потреба да ја провоцираме Бугарија? Само месец-два подоцна, бугарското народно собрание ја донесе рамковната позиција која беше совршена алатка и за двете страни, за нерешавање на спорот и воведување во магливиот простор на “одбрана на идентитетот”, иако никој до сега, кај нас, и не кажа што точно подразбира под терминот идентитет. Не може, и да сака, а тоа да биде веродостојно и верно на сеопштата флагрантна негрижа по многу основи, кон севкупното културно наследство.

Денес, неколку дена пред уште една шанса за надминување на проблемите, кои никој никогаш од наша страна јасно не ги адресираше, подалеку и појасно од синтагмата “не по цена на идентиетот”, дојде францускиот предлог за преговарачката рамка, која доколку се усогласи помеѓу сите земји членки, ќе биде став на ЕУ После точно три години очигледен застој во преговорите, во кои ги поминавме сите фази од негирање дека не го исполнуваме Договорот, преку потсмевање со барањата на Бугарија, до отворен говор на омраза кон секој поединечен акт и активност од нивна страна; а сето зачинето со масовна, организирана хајка и хистерија со силен антибугарски наратив за спречување на било какво рационализирање на проблемот, скриени позади “одбрана на идентитетот”, со една единствена цел: нерешавање на проблемот и стопирање на ЕУ интеграциите. ЕУ не ни треба нели, може да започне антифранкофонијата!

Нашето поведение е совршен пример на лаичкото “баравте, гледајте”. Зарем навистина некој мислеше дека стратегијата на неисполнување на превземените обврски, влегува во дефиницијата “ги исполнивме сите критериуми за ЕУ”? Зарем навистина некој поверува дека отворањето на темите, со лажна грижа за “македонството” како последен обид за застој е нешто друго освен очигледна опструкција? И кој е тој сигнал, таа постапка, тој чин на добра воља која ја покажавме дека сакаме да го решиме спорот со Бугарија? Па, ние ја пропуштивме последната шанса со чинот на внесување на Бугарите во македонскиот устав, како наша самостојна акција, шанса на нашата страна рационално и дипломатски да одговори на проблемот кој пред се’ е наш суштински и стратешки проблем.

И ако барањата на Бугарија се квалификуваа како ирационални и иредентистички, кои имаат за цел “нерешавање на проблемот” или “бугаризација на проблемот”; како да се протолкува нашиот одговор на барањето за внесување на Бугарите во македонскиот устав, кое не само што е прилично рационално, туку е и наша уставна пракса? Дали одговорот во стилот “гаранции дека нема да има други барања” и особено “само со реципроцитет на Македонците во бугарскиот устав”, всушност ја демонстриравме нашата воља и определба за “нерешавање на проблемот”? Велевме дека Бугарија може “да измисли” нови барања, колку тоа “оправдувања” за нерешавање измисли Македонија? Значи, што точно е неприфатливо, за Северна Македонија, Бугарите да влезат во македонскиот устав? Како тоа ќе го наруши “македонскиот идентитет” тој врвен изговор за нерешавање на сите наши проблеми? И од која позиција ние бараме “реципроцитет”? Од позиција на прекршување на нашиот устав?

Од спорот направивме “ѓавол”, забранета тема, “нема човек во Македонија што ќе прифати да влеземе како Бугари во ЕУ” и останати анатеми, прозивање, распнувања и шиканирања и при помисла да се размислува, а не па да се дискутира за било што поврзано со Бугарија. Совршено скроена атмосфера на линч, во која политичките актери треба повеќе да внимаваат на “светата одбрана” и на “страсните бранители” отколку на задачата да се договорат во рамки на возможното. Со воспоставените “забрани и рестрикции” на темата и со “чуварите на каузата” скриена позади идентитетот, ама кауза за статус кво ситуација на нерешавање, а не кауза за наша европска иднина; намерата е никој и да не се обиде да резонира, разговара и размислува политички, дипломатски и логично. Бидејќи на крајот, се знаеше дека договор мора да има. Искуството од Договорот со Грција, вели дека, единствено што ќе биде изгубено, нема да биде идентитетот, туку нашето време, нашите животи и функционалното општество кој е претворено во срушен правен и вредносен систем. И притоа треба да се напомене дека “бранителите” никогаш не поминуваат лошо, напротив се чини дека стојат особено добро. Лукративна некоја одбрана.

Со ставот “ЕУ да ја донесеме дома”, кој е всушност друго име за нерешавање на проблемот, ЕУ сама дојде дома. Дојде да ја прекине агонијата на бегање од проблемот преку бруталните манипулации кои си поигруваа со најподобната тема: идентитетот. Па, и сега нема да најдете ниту еден збор во документот на предлог преговарачката рамка, за идентитетот, ама затоа на секој чекор ќе видите вешти толкувачи “што сакал да каже авторот”, и каде се се скриени замките за нас. Првата лекција на пропагандата, не верувај на тоа што го читаш, туку тоа што толкувачот ќе ти го каже. А, нашите толкувачи сакаат контрола на јавниот дискурс. За тие да кажат што е идентитет, што е историја, и што е добро за нас. Односно, за нив самите.

И за да не се мислиме уште колку години ќе ни требаат да ја разбереме и прифатиме Бугарија како пријател, партнер и сосед, ЕУ не внесува во процесот, кој избегнувавме да го водиме сами. За Грција ни требаа речиси 25 години, од првите резолуции и Времената спогодба, до Договорот од Преспа и уставните измени, кои беа точно за истите прашања. Колку изговори, небулози, сатанизирања и апологии слушнавме сите овие години? Го изгубивме ли идентитетот во меѓувреме? Да се губел така идентитетот, како тогаш се зачувал сите овие векови, кога и немало држава да го брани?

Потребата конечно да бидеме нормална, европска држава е поголема од секоја небулоза скриена позади големи зборови и никакви дела. Потребата за шансата, која некој толку упорно се обидува да ни ја земе. Затоа, апсорбирањето на спорот со Бугарија, во ЕУ е удар за сите кои и никогаш не сакаа да го решат, туку да го држат отворен. Не поради идентитетот, туку поради парите за сите и статусот за некого. Уживаме во комотноста да ги користиме правата и привилегиите, а да не ги исполнуваме обврските. Ама, таа игра мора да заврши, пеколна игра на глумење суштински промени и реформи, во име на историја која ниту се познава, а најмалку почитува, и идентитет кој се користи како совршен изговор за нечинење. И завршува со помош на единствените вистински партнери кои било кога сме ги имале. На дела, а не на зборови. ЕУ конечно ќе ни дојде дома, ама со ред и правила, а не со глума и бегање. Време е да пораснеме, за да видиме како светот вистински изгледа.



Слични Објави