|

Османи-Пич: Партнерските односи со Обединетото Кралство рефлектирани и преку помош за претседавањето со ОБСЕ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари телефонски разговор со специјалниот пратеник на британскиот Премиер за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич, кој, како што информираат, го честитал преземањето на претседавањето со ОБСЕ од наша страна, изразувајќи убедување дека Северна Македонија ќе придонесе во зацврстување на темелните вредности на Организацијата и ќе даде свој придонес кон зачувувањето на регионалниот мир, стабилноста и соработката меѓу земјите членки на Организацијата.

Османи, како што информираат од неговиот кабинет, ги афирмирал клучните заложби за приоритетите врз кои ќе се фокусира нашето претседавање со ОБСЕ искажувајќи благодарност за британската поддршка.

Северна Македонија и Обединетото Кралство имаат високо развиени и партнерски односи, кои оваа година бележат 30 години од нивното воспоставување. Во тој контекст, МНР Османи се заблагодари за посветеноста и силната поддршка на демократскиот и економскиот развој на нашата земја, кои Обединетото Кралство во пракса континуирано ги демонстрира. Истакна дека изминатите три децении на пријателство и партнерство најдобро ги отсликува интензивниот и редовен политички дијалог и одличната трговска и секторска соработка.

Двајцата соговорници се осврнаа и на актуелните политички состојби во земјите од Западен Балкан и други актуелни меѓународни теми.

Извор: zoom.mk

Слични Објави