| |

ОСМАНИ: ПОЛСКА Е НАШ ГОЛЕМ ПРИЈАТЕЛ И ПОДДРЖУВАЧ ЗА ЕВРОИНТЕГРАТИВНИТЕ ПРОЦЕСИ

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на неговата турнеја во европските метрополи, престојува во работна посета на Варшава, Република Полска, каде што се сретна со министерот за надворешни работи на Република Полска, Јацек Чапутович, и со државниот секретар за европски прашања при Министерството за надворешни работи на Полска, Конрад Шимански.

Централна тема и на средбите во Варшава беа европските перспективи на Република Северна Македонија и поддршката во пресрет на одлуката за почеток на преговорите на Самитот на ЕУ во октомври.

„Полска е голем пријател и партнер на Северна Македонија и веројатно еден од најзначајните поддржувачи за нашата европска интеграција внатре во Унијата, но и во рамките на земјите од вишеградската група“, изјави Османи на средбата пренесувајќи ја благодарноста на Владата и земјата за континуираната поддршка што Република Северна Македонија ја добива од Полска.

Од страна на министрите на средбите беше потврдена оваа поддршка, а беше упатена и порака на оптимизам за добивање консензус од страна и на другите земји членки за потврда на одлуката во октомври реафирмирајќи притоа дека земјата ги има исполнето буквално сите критериуми и услови што беа побарани од страна на Унијата, од која, беше нагласено – сега се очекува да го испорача ветеното.

Посетите на Берлин и Варшава преставуваат дел од европската турнеја на вицепремиерот Османи за посета на европските метрополи во пресрет на октомвриските состаноци на Советот на ЕУ. Претходно, Османи ги посети и Брисел, Стокхолм, Хелсинки, а во пресрет на самитот планирани се и посети на другите европски метрополи.

Слични Објави