Османи се обрати на Индискиот совет за меѓународни работи: Северна Македонија е фокусирана на зачувување на мирот на Западен Балкан
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска имаше обраќање пред Индискиот совет за меѓународни работи во Њу Делхи, за време на неговата официјалната посета на Индија.
Во своето обраќање, Османи се осврна на активностите на Северна Македонија во рамки на Претседавањето со ОБСЕ во 2023, во исклучително сложените геополитички околности предизвикани од руската агресија врз Украина.
Посетата на Индија доаѓа во време на големи глобални предизвици кои сериозно се закануваат на светската безбедносна архитектура, рече Османи.
„Имајќи предвид дека Северна Македонија и Индија во овој момент раководат со две многу важни меѓународни платформи – Северна Македонија со ОБСЕ, а Индија со Г20 верувам дека заедно можеме да обезбедиме подобро функционирање на овие процеси од кои на крај зависи и безбедноста на граѓаните“, рече Османи, додавајќи дека војната на европско тло не ја погодува само Украина и нејзините граѓани, туку претставува опасност и за светската безбедност.
Воедно, Министерот го истакна активниот придонес на земјава за зачувување на трансатлантската стабилност во рамките на НАТО Алијансата.
„Покажавме дека сме кредибилен и сигурен сојузник, посветен на промовирање на регионалната стабилност и одржување на нашиот колективен мир и безбедност. Северна Македонија е фокусирана на зачувување на мирот и стабилноста на Западен Балкан. Ова беше и останува еден од главните надворешнополитички приоритети на земјата“, рече Османи.
Пред претставниците на дипломатскиот кор, владините институции, аналитичари, како и истакнати гости од невладиниот сектор и тинк тенк заедницата кои присуствуваа на Индискиот совет за меѓународни работи, Османи ги презентираше и другите приоритети на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, извести МНР.