| |

Габриел на средбата во Толедо разговараше за безбедноста во Црното Море и поддршката за Украина

Шефицата на бугарската дипломатија и вицепремиер на Бугарија, Марија Габриел, се сретна со своите колеги од ЕУ на неформалниот состанок „Гимних“ во Толедо, јавува БГНЕС.

Имав конструктивна дискусија со министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба и министрите за надворешни работи на ЕУ“, напиша Габриел на својот Facebook.

Бугарската министерка за надворешни работи испрати порака за поддршка и солидарност од страна на Бугарија до Украина и украинскиот народ.

Неформалниот состанок се фокусираше на три главни теми: Стратешкото значење на Црното Море и одржувањето на безбедноста и стабилноста во регионот; „Формулата за мир“ во Украина, поддршката на Бугарија и важноста на бугарските дипломатски напори, како и Заедничката декларација на Г-7 за поддршка на Украина и нејзиното потпишување од бугарска страна.

Во меѓувреме, Габриел имаше посебна средба и со министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, на која и се заблагодари за „силната поддршка од Берлин за пристапување на Бугарија во Шенген зоната“.

Министрите за надворешни работи на Бугарија и Германија разговараа за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, за можностите за продолжување на глобалниот ангажман за поддршка на Украина и за продлабочувањето на билатералната соработка.

Жените министерки за надворешни работи на неформалниот форум, Марија Габриел (Бугарија), Аналена Бербок (Германија), Катрин Колона (Франција), Луминика Одобеску (Романија) и Тања Фајон (Словенија), повикаа на „повеќе жени во надворешната политика за да им се даде стимул и на други млади девојки да градат кариера во дипломатијата“.

Слични Објави