|

Османи со грчката амбасадорка разговараше за Преспанскиот договор

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес во својот Кабинет ја прими грчката амбасадорка во земјава, Софија Филипиду.

Од Министерството објавија дека на средбата, соговорниците изразиле задоволство од динамиката со која се развиваат односите меѓу двете соседни земји, плодната соработка во повеќе области и взаемната подготвеност за нивно продлабочување.

„На средбата беа разменети мислења за актуелните политички состојби, а беа разгледани и мерките и активностите кои Владата ги спроведува во насока на имплементација на обврските од Преспанскиот договор“, се вели во соопштението на МНР без детали дали се разговарало за пролонгирање на рокот за вадење на личните документи со името Северна Македонија, што е обврска преземена во согласност со овој договор.

Од МНР  додаваат дека недвосмислената поддршка на Грција за европската интеграција на земјата, соработката во рамки на НАТО Алијансата и други меѓународни организации како и регионални иницијативи беа исто така теми на разговор на средбата.

Предлогот за пролонгирање на рокот за вадење на личните документи до септември произлезе од страна на претседателот Стево Пендаровски, по што премиерот Ковачевски му возврати првин претседателот да разговара со својата грчка колешка. Од Кабинетот на Пендаровски вчера во изјава за „Макфакс“ посочија дека комуникацијата треба да се одвива помеѓу двете МНР како потписници на Преспанскиот договор, а претстедателот е подготвен да даде свој придонес.



Слични Објави