|

Спасовски и МекКлејн од Вашингтон: Одличната соработка ја негуваме и постојано работиме на нејзино унапредување

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари средба со конгресменката Лиза МекКлејн којашто е ко-претседавач со Конгресниот кокус за Македонија и за Американците со македонско потекло.

Изразувајќи благодарност кон конгресменката МекКлејн, во свое и во име на Владата на Република Северна Македонија, министерот Спасовски ги потенцираше придобивките од заложбите на Конгресниот кокус за Македонија.

„Можам да констатирам дека Американците со македонско потекло успешно се вклопија во американското општествено живеење и учествуваат на рамноправна основа во граѓанските и верските слободи, како и во заштитата на основните човекови права, што ги направи значајни актери во американската заедница“, рече Спасовски, додавајќи дека истиот модел го следи и Република Северна Македонија.

„Република Северна Македонија се стреми да го усвои и подобри овој модел, работејќи кон создавање на општество каде секој има еднакви можности и шанси за успех. Со гордост можеме да кажеме дека оваа двонасочна културна и општествена размена го збогатува и подобрува искуството на животот како во Република Северна Македонија, така и во Соединетите Американски Држави, создавајќи мостови на разбирање и соработка кои ја надминуваат географската дистанца и ги обединуваат заедниците во заеднички цели и вредности“, рече Спасовски.

Министерот Спасовски во оваа прилика побара поддршка за процесот на визна либерализација за Република Северна Македонија и за усвојување на Нацрт законот за демократија и просперитет на Западен Балкан.

Конгресменката МекКлејн изрази особено задоволство за денешната средба потенцирајќи ја во оваа прилика одличната соработка и релациите со македонската заедница во САД која се негува и опстојува со еден взаемен однос на почит и соработка. На предложените иницијативи за поддршка од страна на министерот Спасовски, МекКлејн истакна дека со задоволство ни стои на располагање да помогне во зајакнување и унапредување на соработката помеѓу нашите две пријателски земји.

Слични Објави