Осветена e бугарската православна црква „Св. Архангели Михаил и Гаврил“ во Хаг, Холандија
Бугарската православна црква „Св. Архангели Михаил и Гаврил“ во Хаг, Холандија, беше осветена на денот на нејзиниот храмов празник, со свечена архијерејска литургија што ја служеше митрополитот за Западна и Средна Европа, Антониј, соопшти Бугарската патријаршија.
Целосното осветување на храмот било извршено поради замената на светиот престол и жртвеникот во олтарниот простор за време на темелното реновирање на црквата.
Во новиот мермерен престол биле вградени дел од моштите на светиот великомаченик Јаков Персиец, кои лично ги донел митрополитот Антониј.
Во свечената богослужба учествувале свештеници од Западно- и Средноевропската епархија, меѓу кои старешината на храмот, отец Николај Николов, отец Јулијан Ангелов од Берлин, отец Стојан Бербатов од црковните општини во Хаселт и Луксембург и отец Ангел Воденичаров од Брисел.
Во своето обраќање до верниците, митрополитот Антониј го истакнал значењето на црквата за зачувувањето на верата, јазикот и духовните традиции на Бугарите што живеат во странство.
„Нека овој храм биде не само духовен дом на Бугарите во Хаг и Холандија, туку и место на братска љубов, гостопримство и единство со сите православни христијани и луѓе со добра волја. Нека овде никој не се чувствува како странец, осамен или заборавен“, порача митрополитот Антониј.
Тој повика во храмот постојано да се упатуваат молитви за Бугарија, бугарскиот народ, Бугарската православна црква, мирот меѓу народите и спасението на сите луѓе.
За време на богослужбата била извршена и хиротонија на Иван Стојанов од Молдавија, кој бил ракоположен за ѓакон. Тој ќе служи во црковната општина во Лион, во рамките на Западно- и Средноевропската епархија. Воедно, четворица верници биле поставени за црковни четци и пејачи.
Во храмот е поставена и икона на свети Јован Шангајски и Санфранциски, изработена од бугарската уметница Росица Џананова, која живее во САД. Иконата е изработена од обоено стакло и златни листови, а до Хаг поминала речиси 15.000 километри, преку Лос Анџелес, Софија и Будимпешта.
За време на патувањето иконата била осветена од митрополитот Антониј и го добила благословот на бугарскиот патријарх Даниил.
Според Бугарската патријаршија, црквата во Хаг била основана во 1952 година од свети Јован Шангајски и Санфранциски. Првично припаѓала на Руската православна задгранична црква и го носела името „Воскресение Христово“.
На 19 ноември 2000 година во Хаг била основана Бугарската православна црковна општина „Св. Паисиј Хилендарски“, која започнала да го користи храмот.
На 28 март 2018 година било воспоставено трајно право на користење на црковниот имот во Хаг за потребите на Бугарската православна црква „Св. Архангели Михаил и Гаврил“.
