| |

Бугарската актерка Марија Бакалова ќе глуми заедно со Николас Кејџ во нов холивудски трилер

Бугарската актерка Марија Бакалова, која беше номинирана за „Оскар“, ќе глуми заедно со холивудската ѕвезда Николас Кејџ во американскиот криминален трилер „The Brand“, чија премиера е планирана за 2028 година, пренесува бугарскиот весник „24 часа“.

Филмот е заснован на новинарско истражување на Дејвид Гран, објавено во списанието „The New Yorker“ во 2004 година. Приказната го следи подемот и суровото владеење на затворската банда „Ариевско братство“ во познатиот американски затвор „Сан Квентин“.

Николас Кејџ ќе го толкува ликот на Картер Бригс, безмилосен водач на криминалната организација во затворот, додека канадскиот актер Александер Лудвиг ќе ја игра улогата на Тејлор Хартман, млад човек осуден на доживотен затвор, кој станува штитеник на Бригс и напредува во хиерархијата на бандата.

Марија Бакалова ќе ја толкува улогата на Лили, жената со која Тејлор сака да изгради заедничка иднина. Поради неа, тој ќе мора да избере меѓу лојалноста кон затворската криминална група и можноста за нов живот надвор од неа.

Продуцентот на филмот, Ентони Мастромауро, го опишува „The Brand“ како епска гангстерска приказна за подемот на затворските банди во периодот на масовно затворање луѓе, како и за личното патување на еден човек низ тешки искушенија.

„Не би можел да бидам повозбуден поради оваа фантастична актерска екипа, почнувајќи од силата и ранливоста на Александер Лудвиг, брилијантноста на Марија Бакалова, заедно со присуството на Габриел Басо и еден од најголемите актери на мојата генерација – Николас Кејџ“, изјави Мастромауро.

Премиерата на филмот е предвидена за 2028 година.

Слични Објави