| |

ОТЕЦ ФИЛИП: МОЖЕБИ СТОЛЧИЊАТА ВО ЦРКВАТА ЌЕ БИДАТ ПРАЗНИ, НО ДА СЕ ПОГРИЖИМЕ ТРПЕЗИТЕ НА НАШИТЕ БЛИЖНИ ДА НЕ БИДАТ!

Можеби столчињата во црквата ќе бидат празни, но да се погрижиме трпезите на нашите ближни да не бидат!

Браќа и сестри, повеќе немам време и волја да се докажувам и да се објаснувам со атеисти и верници во врска со прославувањето на Велигден, околу препораки, закони, права, одговорности, и сѐ што се зборува и врти по интернет последниве неколку дена.

Овој Велигден, заради вонредната состојба, де факто ќе бидеме спречени да го дочекаме и прославиме Воскресението Христово заедно, како Божјо семејство. Но, Господ го знае тоа, ги знае нашите сили, ја знае нашата вера, и ги знае нашите околности. Христос нема да нѐ смета за одговорни за она што не сме можеле да го направиме, но дефинитивно ќе нѐ смета за одговорни за она што сме можеле да направиме. Во црква нема да можеме, и за тоа нема да нѐ смета за одговорни. Да благословиме некој наш ближен, и да му помогнеме да го дочека Велигден во својот дом со нешто на трпезата, тоа можеме!

Затоа, да нѐ испуштиме да направиме она што можеме, за сметка на она што не можеме!

Ве повикувам во петок, на Велики Петок, или лично да благословите некој што е во потреба, или пак да купите/направите нешто и тоа да го донесете во црквата, а јас и ѓаконот тоа ќе го однесеме во семејствата кои ги знаеме и секако ги посетуваме со помош овие денови.

Посебно ќе бидеме благодарни и радосни ако донесете Велигденски јајца, украси и чоколади за децата од тие социјално-загрозени семејства, верувајте ми дека нивната радост ќе биде ваша радост!

Слободно контактирајте ме во пораки, спододелете ја објавата, или дојдете директно во црквата во петок.

Ви благодарам на сите, и слава на Бога за сѐ!

Fb статус на отец Филип Иванов



Слични Објави