ОТКРИЕНО: КАКО ТОА ВАРДАР ПРИМА ТОЛКУ ГОЛОВИ, А СЕПАК ПОБЕДУВА?

Уште е рана фаза од сезоната, но она што може да се заклучи досега е дека Вардар уште има мани во играта, но има и неверојатен карактер кој надоместува за нив и ги прави натпреварите успешно. Не треба да сте ракометен експерт досега да воочите дека Давид Писонеро и неговата екипа натпреварите ги добиваат во второ полувреме. Зошто?

Прашан за натпреварот против Кил, в сабота од 17.30, Писонеро вели дека очекува уште побрз меч од тој на Супер глоуб, во август. Побрз натпревар подразбира и повеќе голови, а тој заврши со 34-30 за Кил!?

„Очекувам многу тежок натпревар, брз натпревар, побрз од тој натпревар во Дамам и тоа е добро за нас, сакаме натпреварот така да се одвива“, рече Шпанецот.

Ова е некој нов здив, кој го немаше во Вардар со минатите Шпанци, Роберто Парондо и Раул Гонзалес. До лани се знаеше дека Вардар победува затоа што „ја затвора рампата“ до својот гол, било голманот, било одбраната. Зоната 5-1 со Дибиров напред стана славна од што беше успешна, но оваа година Вардар не ги добива натпреварите со одбрана, туку со гол повеќе. На сите три од ЛШ досега постигна повеќе од 30 гола, а само на Порто не му дозволи да му даде 30. Португалците погодија 27 пати. Очигледна е промената во играта, но дали тоа им пречи на играчите?

„Секој тренер има разлика во својата визија, ако стоете на едно место паѓате, затоа мора да растете и да модернизирате. Ако сте силни во еден аспект, тогаш противникот ќе научи како да се подготви за вас. Така и ние досега направивме таков имиџ, добра одбрана, добри голмани, но сега сакаме да бидеме покомплетни, потребна ни е добра транзиција и добар напад. Ако ни треба гол повеќе, тогаш играме така, ако треба да се одбранеме, тогаш е се одбранеме. И верувам дека ќе успееме во тоа, мислам дека успешно се менуваме. И нашиот нв тренер негува таков стил, да се менуваме кога треба. На пример со Кил мора да играте ‘ран ен ган’.“, го кажа своето размислување Тимур Дибиров.

Се надоврза и Писонеро, согласувајќи се со нашата забелешка дека Вардар, засега, прима премногу голови по натпревар. Но, вели дека се менуваат и дека топрва ќе се менуваат.

„Разликите беа во однос на минатата година беа поголеми на почетокот на годината. Го немвме Калараш, го немавме Столе… Затоа мора да разберете дека ни беше потешко да создадеме одбрана. Секако дека мора да го симнеме бројот на голови на еден натпревар, но јас сакам да играме побрзо. Поентата е како да се адаптираме на противникот и ние ќе се менуваме уште во текот на сезоната. Сакам да имаме подобра одбрана, да постигнуваме лесни голови со тоа.“, се изјасни Писонеро.

Исто така, една одлика на Вардар во новава сезона е слабото прво полувреме. На ниеден меч од ЛШ не водеа во првиот дел, а ги добија сите. Во СЕХА, пак, предност по првите 30 минунти имаа само против аматерите од Кина и на последниов дуел со Татран.

„Кога ќе почне се добро од прва минута тогаш се е јасно, но кога не е се како што треба од почеток, тогаш е малку потешко. Така беше и на почетните неколку кола, ние штом гледавме дека не оди, во второто полувреме веднаш ја поправавме играта.“, кажа руското крило.

На крајот на краиштата, тоа е знак на карактер и на ментална стабилност. Се сеќавате сите како Вардар стана шампион во јуни, со минус седм против Веспрем во вториот дел.

Извор: Спорт1