Отворени врати за најмладите по повод Меѓународниот ден за намалување на ризиците од катастрофи
По повод 13 октомври – Меѓународниот ден за намалување на ризиците од катастрофи, во просториите на Центарот за управување со кризи (ЦУК) се одржа едукативна активност под мотото „Подготвени денес – посигурни утре!“. Настанот имаше за цел да ја подигне свеста кај најмладите за важноста на превенцијата и навремената реакција во кризни ситуации.
На настанот учествуваа ученици од основното училиште „Исмаил Ќемали“ од општина Чаир, кои преку презентации и интерактивен квиз се запознаа со начините на заштита при природни и други непогоди. Преку практични примери и разговор со стручни лица од ЦУК, учениците добија корисни совети за тоа како да реагираат во итни случаи.
Во рамките на активноста, децата ја посетија и Секторот за итни повици 112, каде што се информираа за начинот на работа на операторите и за клучната улога на бројот 112 во спасувањето на човечки животи.
Настанот помина во дух на позитивна енергија, насмевки и едукативни моменти кои ја поттикнуваат детската свест за одговорно однесување и подготвеност во ситуации на ризик. Со оваа иницијатива, Центарот за управување со кризи уште еднаш ја потврди својата посветеност кон унапредување на културата на безбедност и превенција во заедницата.

