Инспекциски надзор по смрт на пациентка во тетовската болница
Министерството за здравство соопшти дека започнало инспекциски надзор преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат во врска со смртта на пациентка во Инфективното одделение на Општата болница во Тетово. Во соопштението од Министерството се нагласува дека јавноста ќе биде навремено информирана по завршување на постапката за утврдување на фактичката состојба и дека институцијата останува посветена на транспарентноста, одговорноста и обезбедувањето квалитетна здравствена заштита за сите граѓани.
Според претходно објавени информации од Министерството за внатрешни работи (МВР), на 10 август во 03:20 часот во СВР Тетово, лице со иницијали Ј.С. од село Копанце пријавило дека неговата роднина, 30-годишната С.С. од истото село, била хоспитализирана во Инфективното одделение на Клиничката болница во Тетово и кратко потоа починала. Таа била примена на лекување претходниот ден околу 19:00 часот. Според наводите на пријавителот, пациентката не добила соодветна лекарска помош, што довело до нејзината смрт.
По пријавата, полициски службеници излегле на местото на настанот. Формиран бил тим за испитување на случајот, кој ќе работи под раководство на дежурен јавен обвинител во соработка со екипа од СВР Тетово.
