Коалицијата за зелена иднина со историска листа за локалните избори- за првпат лице со попреченост е носител на листа за Совет на Град Скопје
Коалицијата за зелена иднина, составена од Зелената партија ДОМ, Движењето за демократија, права и слобода (ДПС) и локални активисти и иницијативи, вчера ја претстави својата изборна листа за претстојните локални избори. Настанот беше оценет како историски момент на македонската политичка сцена, бидејќи за првпат лице со попреченост, Ана Карајанова-Димитрушева, ќе биде носителка на листата за Совет на Град Скопје.
Претседателот на ДПС, Един Јакуповиќ, истакна дека коалицијата е граѓански завет за здрава животна средина, чесност и грижа за ранливите категории. „Нашите листи ќе се натпреваруваат во 12 општини… Оваа одлука за коалиција не е партиска манипулација, туку политички завет,“ рече Јакуповиќ.
Ко-претседателот на ДОМ, Александар Анѓушев, носител на листата во општина Карпош, нагласи дека коалицијата е одговор на празнината што ја оставиле класичните партиски монополи. „Влегуваме во кампања со кандидати и кандидатки кои знаат да донесуваат одлуки – не само да добиваат места,“ изјави Анѓушев, додавајќи дека со гордост го поддржува изборот на Карајанова-Димитрушева.
Носителката на листата за Град Скопје, Ана Карајанова-Димитрушева, порача дека ја прифаќа кандидатурата како обврска пред лицата со попреченост и нивните семејства. „Моето учество јасно кажува дека политиката може и мора да се отвори за оние кои порано беа отфрлени,“ истакна таа.
Во Битола, носител на листата ќе биде Рамадан Рустемов, кој порача дека коалицијата е гаранција дека неговата заедница конечно ќе добие глас. „Ние не зборуваме само за паркови и чист воздух – зборуваме за достоинствен живот,“ изјави Рустемов.
Ко-претседателката на ДОМ, проф. д-р Ана Угринска, која е второ место на листата за Совет на Град Скопје, потенцираше дека коалицијата нуди конкретни мерки за транспарентни јавни буџети, енергетска ефикасност и социјални програми за ранливите категории. „Коалицијата за зелена иднина е повик за солидарност, за правда и за конкретна промена на локално ниво. За зелена иднина,“ изјави Угринска.
Со оваа иницијатива, Коалицијата за зелена иднина се позиционира како нова политичка сила која ја става инклузијата, етиката и грижата за граѓаните во срцето на својата платформа.
