| |

Отворено е електронското пријавување за гласање на Бугарите во странство за претседателските избори во Бугарија

Од 8 септември бугарските државјани во странство можат електронски да поднесуваат барања за гласање преку интернет-страницата на ЦИК. Крајниот рок е 29 септември. Ова денеска го соопшти портпаролката на Централната изборна комисија (ЦИК), Стојанка Балова-Цветкова, на прес-конференција посветена на подготовките за претседателските избори во Бугарија што треба да се одржат на 25 октомври, јавува БГНЕС.

Сите бугарски државјани со важечки документи што на денот на изборите се или ќе бидат надвор од Бугарија, можат да се пријават електронски за гласањето на страната на бугарската Централна изборна комисија на следниот линк.

Слоганот на претстојните избори ќе биде „Твојот глас, твојот избор“ соопшти Балова-Цветкова, која додаде дека информативната кампања на ЦИК ќе се заснова на „кратки и јасни пораки“, преку кои граѓаните ќе бидат информирани за важните рокови и начинот на гласање.

Досега за учество на претседателските избори се регистрирани пет партии и еден иницијативен комитет. До ЦИК се доставени документи и од уште седум партии и пет иницијативни комитети, кои треба да бидат проверени и разгледани.

Рокот за регистрација на партиите и коалициите истекува на 9 септември во 17 часот, додека иницијативните комитети може да се регистрираат до 14 септември. Крајниот рок за регистрација на кандидатските двојки за претседател и потпретседател е 22 септември.

ЦИК го усвои и списокот на бугарските дипломатско-конзуларни претставништва во странство во кои ќе бидат отворени избирачки места. На списокот се вклучени вкупно 100 амбасади, генерални конзулати и конзулати.

Избирачки места нема да бидат отворени во дипломатски претставништва во земји каде што тоа не се препорачува поради воени дејства, висок безбедносен ризик или неможност за организација на гласањето.

ЦИК утврди и 262 локации во земјите од Европската Унија, надвор од бугарските дипломатски мисии, каде што може да бидат отворени дополнителни избирачки места. Најмногу се предвидени во Германија – 75, Шпанија – 56, Италија и Холандија – по 22, Грција – 18, а Белгија и Франција – по 13.

Во Република Северна Македонија засега ќе бидат отворени гласачки места во амбасадата на Бугарија во Скопје и во Генералното конзулство на Бугарија во Битола. Во претходни парламентарни или претседателки избори во Бугарија, освен во Скопје и Битола, редовно се гласало во Охрид, Кавадарци и Струмица.

Предизборната кампања започнува на 25 септември во 00:00 часот и завршува на 23 октомври во 24:00 часот.

Слични Објави