П. КОЛЕВ: ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА СО ОТВОРЕНИ ЛИСТИ И НАМАЛУВАЊЕ НА БРОЈОТ НА ПРАТЕНИЦИ И СОВЕТНИЦИ НА ЛОКАЛНО НИВО

//

„Граѓанско Демократската Унија е приврзаник на идејата за една изборна единица со отворени листи и намалување на бројот на пратениците во националниот парламент“- изјави претседателот на Граѓанско Демократската Унија, Петар Колев на денешната конференција „Перспективи пред македонските избори“ во организација на невладината организација „Цивил“.

Колев рече уште дека верува во отворените кандидатски листи, коишто ќе го изразат демократскиот диверзитет, кој е темел на индивидуалното политичко изразување во нашата земја која се претставува себе си како претставничка демократија.

Претседателот на ГДУ ја илустрира потребата од рационализација и во рамките на локалната самоуправа, пред се врз бројот на членовите на општинските совети, со податокот дека, бројот на советници во Советот на Град Скопје е 45, а бројот на советници на Градот Њу Јорк е 50.

„Отворените листи во голема мера ќе придонесат за демократизација на политичките партии во Македонија, верувам дека ќе ја поттикнат конкуренцијата во нив и конечно ќе профункционираат како дел од политичката јавност, а не како тајни и затворени здруженија“, вели во своето излагање Колев.

Првиот човек на ГДУ го образложи и предлогот на неговата партија за воведување на прогресивен изборен цензус и го напомена вистинскиот тест на довербата или недовербата кон политичките партии, гласачкото ливче да содржи и можност на гласачот да заокружи  -Ниту еден од наведените.



„ГДУ во својот нацрт документ за Изборните Модели предвидува цензус. Цензусот е прогресивен. Тоа значи дека цензусот за еден политички субјект е помал од цензусот потребен за коалиција од две партии. Цензусот за коалиција од три или повеќе партии пак е повисок од оној за две. Конечно, за вистински тест на довербата или недовербата кон политичките партии, гласачкото ливче треба да содржи и можност на гласачот да заокружи  -ниту еден од наведените“- вели Колев

Колев во своето излагање го истакна и моментот дека неговата партија е приврзаник на активната регистрација на гласачите.

 „Сакам да истакнам дека ние од Граѓанско Демократската Унија сме приврзаници на активната регистрација на гласачите, како модел кој еднаш за секогаш ќе го затвори прашањето со веродостојноста на Избирачкиот список“- изјави Петар Колев, претседател на Граѓанско Демократската Унија.

        

Претходна статија

ЦИВИЛ СО КОНФЕРЕНЦИЈА НА ТЕМА „ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ИЗБОРИ“

Следна статија

КРИСТАЛИНА ГЕОРГИЕВА НОВ ДИРЕКТОР НА ММФ

Најново од Вести