Закажано судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани
Основниот кривичен суд Скопје ја закажа главната расправа за предметот К.бр. 1872/25, кој се однесува на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, за 19 ноември 2025 година со почеток во 09:30 часот, во судницата на Казнено-поправната установа Идризово.
Како што информира судот, обвинителниот акт првично поднесен од ОЈО Кочани, а потоа прераспределен по надлежност на Скопското јавно обвинителство, бил одобрен во целост. Согласно АКМИС системот, предметот е распределен на понатамошно постапување кај судијката Диана Груевска Илиевска.
Поради исполнување на законските одредби, судијките Тамара Витларова – Смилевска и Илина Смичковска – Илиевска се изземаа од постапување поради лично познанство со дел од оштетените. Како втор член на судечкиот совет ќе постапува судијата Ахмед Идризи.
Заради ефикасно и економично водење на постапката, судот веќе утврди повеќе термини за главна расправа: 25 и 26 ноември, како и 2, 4, 10 и 11 декември 2025 година. По отпочнувањето на расправата ќе се утврдат и дополнителни термини, а поканите до странките се веќе во постапка на достава.
Основниот кривичен суд упати апел сите учесници во постапката да пристигнат најмалку еден час пред почетокот на расправата поради безбедносни процедури и навремено започнување на судењето. Медиумите, пак, треба навремено да обезбедат дозволи за снимање и фотографирање од Врховниот суд на Република Северна Македонија.
Со оваа постапка, судот најавува целосна транспарентност и достапност на јавноста во врска со случајот кој предизвика значителен јавен интерес поради трагичните последици од пожарот во дискотеката во Кочани.

