П. Колев: Г. Османи, колку македонски Бугари работат во МНР и Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците?

//

Mинистерот за надворешни работи на РС Македонија, Бујар Османи, во емисијата „Трилинг“ на ТВ24, изјави дека „ најдобриот начин да се отфрли тезата на Република Бугарија, дека ние правиме притисок како држава, како влада, кон граѓаните, коишто сакаат да ги изразат своите национални бугарски чувства е понудата повелете ќе можете слободно да бидете и во Уставот како дел од бугарскиот народ, како бугарска етничка заедница“.

Османи ги повика граѓаните со бугарска етничка припадност да му се обратат нему, ако врз нив е вршен било каков притисок поврзан со нивната самоопределба.

На неговата изјава реагираше претседателот на Граѓанско Демократска Унија, Петар Колев, потенцирајќи му на Османи дека неговото очекување, жртвата да се обрати кон својот џелат, е футуристичка и доста нестандардна и му го постави прашањето колку македонски Бугари работат во МНР и Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците?

Реакцијата на претседателот на Граѓанско Демократска Унија, Петар Колев, ви ја пренесуваме во целост:



„Г. Османи, колку македонски Бугари работат во МНР и Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците?
Желбата за изнаоѓање решение за спорот помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија е нешто кое со акламација е поздравувано и ќе биде поздравувано од мене, но и од секој бъгарин кој живее во Македонија бидејќи менгемето на конфликтот најсилно стега околу нас. Но, идејата за трговија со универзалните човекови вредности, како што е правото на самоопределување, како и правото на работа и професионален развој, интеграција во општеството и други основни човекови права, е меко кажано вулгарно.
Зарем ние како општество не ја осознавме потребата од еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите на нашата татковина, та имаме потреба некој од надвор да настојува за тоа?
Г. Османи, ја поздравувам вашата заложба за изнаоѓање решение, но не можам да се согласам со вашата неискреност.
Зарем вие како припадник на албанскиот народ не ја познавате историската судбина на македонските Бугари?
И за да не се навраќам во историјата, која за жал како историска судбина и вашите, но и нашите дедовци ја носат избележани на нивните грбови, ќе ве прашам нешто конкретно од сегашноста, водејќи се од вашиот повик граѓаните да се обратат кон вас за конкретни случаи на дискриминација.
Вашето очекување, жртвата да се обрати кон својот џелат, е футуристичка и доста нестандардна, но ете да подразмислиме на глас што се вели.
Конкретно би ве прашал, дали го осудивте како министер во владата на Република Северна Македонија говорот на омраза кон македонскиот тенор Васил Гарванлиев, кој впрочем беше наш заеднички македонски претставник на Евровизија?
Ако ова прашање како однос кон светот, основните човекови права и слободи, е надвор од вашите ингеренции, би се согласил до моментот на поставување на второто конкретно прашање, а имено Г. Османи, колку македонски Бугари работат во МНР и Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците?
Бидејќи и вие и јас знаеме дека одговорот е еднаков на 0 (со зборови: нула) логично е да се запрашаме тогаш што се случува со оние вработени во вашето министерство, кои се самоопределуваат за Македонци, но не ја мразат Бугарија и Бугарите и го користат определувањето браќа, наместо она познатото татари, фашисти, окупатори и друго?
Каков е нивниот кариерен развој во раководеното од вас министерство?
Дали господине Османи, точно во вашето министерство и од вашиот кабинет се бараат објаснувања за ставови искажани на приватни фејзбук профили, во кои ќе се кажат збор-два убави за Софија и Бугарите и каква е судбината на тие службеници во МНР кои си го дозволиле тој „луксуз“ да не ги мразат Бугарите?
Нема да прашувам дали такви објаснувања сте барале од ваши службеници кои се однесуваат со почит кон други наши соседи како што се Србија, Албанија или Косово, бидејќи и двајцата знаеме дека тоа никогаш не се и помислило камо ли да се случи.
Ајде тогаш да го погледнеме составот на амбасадите на нашата земја во соседството, пример Албанија, Косово, Србија или пошироко до Турција, каков е етнички состав на нашите дипломати и се разбира да го споредиме со составот на амбасадата во Софија, која меѓу другото близу 2 години е без амбасадор?
Овие прашања се директно од вашата компетенција и ресорот на вашиот партиски колега Артан Груби и мислам дека ако сте искрен во вашите намери и немате желба да „тргувате” со човекови права во 21 век, ќе ги разгледате искрено и ќе преземете конкретни чекори за подобрување на оваа состојба.
Ајде господине Османи барем еднаш да ја оставиме неискреноста настрана, да ја погледнеме реалноста во очи таква каква што е и преку еден искрен дијалог, со конкретно преземени обврски и нивно целосно исполнување да се обидеме да ги решиме овие „непристојни” прашања за 21 век.
Потоа со искрен и братски разговор сите заедно, со заеднички сили да се обидеме да го решиме прашањето со Бугарија. Не е потребно чудо и вонсериски дипломатски способности, едноставно искреност, спроведување на нашите меѓународни обврски и директен, чесен, искрен разговор со Софија.“

Претходна статија

Приведени уште две лица од вчерашниот протест во Мала Речица

Следна статија

Двајца Кубанци протерани од државава поради илегално преминување границата

Најново од Вести