П. КОЛЕВ: ГЛАСОТ НА ЕДЕН Е ГЛАС НА НИКОГО, ГЛАСОТ НА НАРОДОТ Е ГЛАС БОЖЈИ

//

Порталот „Трибуна “ го побара Петар Колев, претседател на партијата Граѓанско Демократска Унија, за да ни каже нешто повеќе за кампањата што ја почна неговата партија, за второ референдумско прашање поврзано со намалувањето на бројот на пратеници во македонското Собрание и идејата Македонија да стане една изборна единица со отворени листи. Разговорот со г-нот Колев ви го пренесуваме интегрално:

Трибуна: Господине Колев, на социјалните мрежи се појавија ваши слики со кои повикувате за второ референдумско прашање кое да гласи: „Дали сте за намалување на бројот на пратениците од 120 на 90 и промена на изборниот модел со кој Македонија ќе биде една изборна единица а кандидатските листи ќе бидат отворени? Јас сум ЗА!“

Зошто сега?

П. Колев: Не би можел да кажам дека оваа наша идеја е од сега. Уште со објавувањето на иницијативата за формирање на Граѓанско Демократската Унија- ГДУ на 6 декември минатата година на нашата прес-конференција ја објавивме оваа идеја. На Основачкото собрание на партијата на 18 март оваа година, ова го издвоивме како еден од основните постулати за кои ќе се залагаме.

На 19-ти овој месец испратив отворено писмо до политичките лидери на парламентарните и вонпарламентарните партии. За жал до денеска царува тишина по ова прашање. Таа е вистината и фактите и затоа продолжуваме со нашите чекори во оваа насока.

Намалувањето на бројот на пратениците е логично и издржано поради неколку причини.

– Прво ако се направи паралела со останатите европски земји согласно бројот на жителите ние сме држава рекордер во областа на пратеници по број на жители, како и трошоци на пратеници по број на жители.

– Второ, голем дел од тие пратеници не одат на работа, не се активни, спијат по клупите и само се занимаваат со политички комбинаторики кои повеќе од четврт век премногу скапо ги чини македонските граѓани.

– Трето, одамна веќе е изгубено чувството во граѓаните дека пратениците во парламентот се нивни претставници. Повеќе личат на претставници на разни лоби групи и на партиските лидери и централи, како на сегашните лидери на партиите така и на поранешните. Поради тоа мислиме дека освен намалување на нивниот број потребна е и измена на изборниот модел.

Идејата за една изборна единица со отворени листи не е наша. Многу политичари и пред нас ја имаат лансирано во општеството бидејќи тоа е европска пракса за избор на народни претставници која во различни форми се користи во над 20 земји од ЕУ. Исто така изборот на пратеници во Европскиот парламент се одвива по овој изборен модел во државите- членки.

Малку сум зачуден од фактот што политичарите молчат денес по ова прашање. Би потсетил и на изјавите на премиерот Заев од пред изборите но и на вице-премиерот Шекеринска дека тие ќе се залагаат за промена на изборниот модел.



Сметаме дека е крајно време да се стави крај на овие лоши пракси. Гласот на граѓаните би требало да има иста тежина и вредност без разлика каде живеат на територијата на Р.Македонија. Бидејќи сите плаќаме исти даноци, согласно Уставот на земјата сите имаме еднакви обврски но и права. Не е чесно со ист број на гласови една партија т.е. група на граѓани да имаат свои преставници во Парламентот а друга група со ист или поголем број да немаат само затоа што не живеаат на едно исто место. Така се создаваат политички феудали кои ништо добро не направиле но и не гледам дека ќе успеат да направат.

Уште поважно за нас е граѓаните дирекно да избираат кој ќе ги претставува т.е. моделот на отворени листи. Тогаш партиите ќе бидат приморани да ги наредат листите по квалитет на кандидатите, а не по послушност и потпишани меници.

Со овие измени би се предизвикал процес на демократизација и европеизација на Македонија. Отворање на политичката сцена за нови политичари и политички субјекти. А таму каде што има конкуренција, нема како да не се покачи квалитетот. Ова е тест за демократскиот капацитет на политичарите во земјата. Особено на лидерите на парламентарните партии.

Сега настојуваме за референдум поради две причини:

Прво економскиот момент. Вака или така ќе се спроведе референдум, ќе бидат направени соодветните трошоци, кампањи и слично и не гледам зошто тоа да не се искористи и за ова прашање. Во европските земји тоа е стандардна пракса кога се организира референдум да се организира за неколку важни прашања за општеството.

И второ затоа што ние веруваме дека Суверенитетот произлегува од нашите граѓани и нив им припаѓа. Тие решаваат преку своето право на глас како и по кој начин да се организира, развива и модернизира демократијата и државата. Не може 4-5 луѓе политичари да земаат решенија толку важни за општеството и особено такви кои го нарушуваат нивниот комодитет и комфорт.

Јас лично верувам во стариот римски постулат “Vox unius, vox nullius, vox pópuli, vox Déi” – Гласот на еден е глас на никого, гласот на  народот е глас Божји.”

Трибуна: Ви благодариме г-не Колев.

П. Колев: Ви благодарам за интересот, Ви посакувам убав викенд.

Претходна статија

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ МОЖЕ ДА ГИ ВРАТИ САМО ПАРИТЕ ШТО ГИ УКРАДЕ, ПРАВДАТА Е ОДАМНА ВРАТЕНА

Следна статија

ТРАГЕДИЈА ВО ВЕЛЕШКО: ЕДНО ЗАГИНА А ДВЕ ДЕЦА СЕ ПОВРЕДЕНИ ПО ПАД ОД ТРАКТОР

Најново од Вести