|

Пак врие во „Фени“, вработените стравуваат од нов стечај, синдикалците спремни за штрајкови, блокади и тужби

Во кавадаречката фабрика „Фени“ повторно врие како и пред шест години кога беше прогласен стечај па потоа ја презема швајцарскиот фонд ГСОЛ преку македонскиот претставник „Еуроникел“. Вработените стравуваат дека фабриката ќе биде затворена оти повеќе не се носи руда ниту репроматеријали, нема производство и постојано кружат гласини дека се подготвува нов стечај.

Синдикатот на вработените во фабриката минатата недела побара итна средба со менаџментот и со претставници на ГСОЛ вознемирени од гласините за стечај и револтирани од тоа што девет месеци земаат 70 отсто од платата, а цените и трошоците се зголемени за 50 отсто.

„Ние и нашите семејства сме доведени до ниво на сиромаштија, да не можеме да си ги покриеме ни основните потреби. Страдаме девет месеци и нема да дозволиме ова да продолжи и понатаму.Бараме фабриката да продолжи да работи, нашите работни места д абидат обезбедени, веднаш да ни се зголеми платата, веднаш да ни се исплати последната рата за К 15 од 2022 година, и бараме итна средба со менаџментот и со ГСОЛ за да ни се каже што се презема за исполнување на барањата. Нема да дозволиме повторно да бидеме измамени, излажани и нашите семејства да страдаа. Во спротивно подготвени сме на сите можни синдикални мерки кои опфаќаат штрајкови, блокади, тужби и кривични пријави“, извести Синдикатот и соопштението го залепи во фабриката и го достави до менаџментот.

Вработените во фабриката велат дека вчера повторно ги кажале барањата, овој пат пред новиот директор, кој првпат се појавил пред нив. Тој доаѓа на местото на Герасим Кујунџиев,кој си замина од функцијата, а пред околу половина година алармираше дека поради прескапата струја принудени биле да кратат трошоци, да ги пуштат вработените на платен принуден одмор и сите ресурси да ги насочат за опстанок на фабриката.

„Побараа десет дена да ги разгледаат барањата. Целиот состанок помина во тензична атмосфера. Си заминавме револтирано оти барањата првично ни беа оценети како нереални“, вели вработен во фабриката.

Претседателот на Синдикатот не одговори на повиците од „Макфакс“ по вчерашниот состанок со новиот директор, а од управата на „Еуроникел“ најавија детално објаснување за состојбата во фабриката во следните денови.

Слични Објави