Палестинскиот лидер на Исламски џихад почина во израелски притвор по 86-дневен штрајк со глад
Кадер Аднан, висок политички функционер на палестинскиот Исламски џихад (ПИЏ) на Западниот Брег, почина во израелски притвор утрово, 86 дена откако почна штрајк со глад, пренесува „Џерусалем пост“.
Израелската затворска служба (ИПС) соопшти дека Аднан (44) бил пронајден во несвест во неговата ќелија, но одбил да направи лекарски прегледи или да добие медицинска помош за време на штрајкот со глад.
Клубот на палестински затвореници соопшти во понеделникот дека Аднан е во критична состојба и може да умре во секој момент. Претставници на Исламски џихад претходно предупредија дека Израел скапо ќе платти ако Аднан умре во притвор.
Аднан е највисокиот функционер на Исламски џихад што починал во израелски притвор во последните неколку години. Тој беше уапсен минатиот февруари под обвинение за членство во терористичка организација и поттикнување како дел од израелската безбедносна акција против терористите на и инфраструктурата на ПИЏ во северниот дел на Западниот Брег.
Аднан беше еден од организаторите на штрајковите со глад меѓу палестинските политички затвореници во израелските затвори. Тој штрајкуваше со глад неколку пати за време на неговото претходно затворање.
Аднан претходно помина вкупно осум години во израелски затвор под обвиненија поврзани со неговите активности во име на Исламски џихад.
Исламски џихад во соопштението денеска посочи дека Израел сноси целосна одговорност за, како што го нарекуваат тие, гнасното злосторство, и дека „ќе ја плати цената“ за тоа.
И Хамас вети дека ќе се одмазди за смртта на Аднан, нарекувајќи ја убиство. Оттаму најавија дека палестинските фракции ќе го засилат отпорот против Израел со сите средства.
Палестинската самоуправа (ПС), исто така, ја смета израелската влада за целосно одговорна за егзекуција на Аднан“, а палестинското Министерство за надворешни работи повика на формирање меѓународна истражна комисија која ќе ги испита околностите околу неговата смрт, додавајќи дека ќе го изведе случајот на Аднан пред Меѓународниот кривичен суд (МКС).
Премиерот на ПС, Мохамад Штајех, ги обвини израелските власти за убиство на Аднан затоа што одбиле да го ослободат и го држеле во ќелија и покрај неговата критична состојба.
Во знак на протест поради смртта на Аднан е најавен генерален штрајк во неколку области на Западниот Брег.