ПАРИ ЗА СОЊА ЌЕ СЕ СОБИРААТ И НА ШТИПСКАТА ПАСТРМАЛИЈАДА

Продолжува акцијата за спас на штипјанката Соња. Пари за животоспасувачката операција која час поскоро треба да се изврши во Германија, ќе се собираат и на штипската Пастрмалијада:

„Штипската пастрмалијада добива хуманитарен карактер и во близина на главната сцена ќе биде поставена кутија и штанд од Црвен крст каде што ќе можат да се донираат средства. Ги повикувам сите граѓани да донираат да бидат хумани не само на штипјани тука и на граѓаните од околните градови. Верувам дека во вакви моменти треба да бидеме сплотени сите и да изнајдеме сили да помогнеме на ова семејство“ изјави Благој Бочварски, градоначалник на о. Штип.

За само неколку денови, веќе се собрани околу една третина од потребните 60.000 евра. Соња и нејзините најблиски сега се на чекор до надежта:

„Јас работев во конфекција, ми се јави колешка и ми кажа дека почнале да донираат средства а разбрале од Тв Стар. Голема благодарност и до градоначалникот  на Штип за оваа хумана акција“ изјави Велика Митева мајка на Соња.

„Голема благодарност на сите граѓани што донираат за мојата ќерка. Штип од секогаш донирал и понатаму да се продолжи со донација“ изјави Иле Митев-татко на Соња.

Но за спас на Соња битката се уште трае. Неопходни се уште 40.000 евра кои можат да се соберат само со помош на сите нас:

„Фалат уште малку да се исполни бројот. Ги замолувам луѓето да продолжат со акцијата“ изјави Велика Митева , мајка на Соња.

Соња е 36-годишна штипјанка, мајка на две деца од 5 и 8 години. Веќе две години води тешка и исрпувачка битка со ракот. Зад себе има три операции, многу болнички денови и претрпена болка.

Пред себе има надеж дека оваа четврта операција ќе биде спасоносна и таа повторно ќе застане на нозе. За тоа и требаат 40.000 евра, но надежта е голема, зашто Штип и Македонија, тоа го можат.

Извор: ТВ Стар