Партнерите на СДСМ ја потврдија лојалноста кон владејачката коалиција

/

Неколку часа пред претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, да одржи прес-конференција и да соопшти дека владиното мнозинство и владината коалиција е „стабилна, обединета, коалиција која го води нашето општество напред, силна и сплотена“, својата лојалност кон владејачката коалиција, преку координирано издадени соопштенија, ја изразија неговите коалициски партнери.

Пораката од сите соопштенија на помалите партии кои се дел од власта е дека коалицијата останува обединета, силна и посветена на владините реформи, пренесува Слободен печат.

НСДП на Тито Петковски соопшти дека ќе продолжи да го поддржува владиното мнозинство.

„Резултатите од првиот круг на локалните избори, поддршката од граѓаните што ја добивме како коалиција, создава дополнителна обврска да продолжиме напред, да ја почитуваме нивната изразена волја, да ја развиваме локалната демократија и ги штитиме државните интереси. НСДП е цврста и единствена во одлуката за останување во владејачкото мнозинство и продолжување по политичкиот пат кој води кон прогрес на државата“, соопштија од партијата.

И Демократскиот сојуз на Павле Трајанов повика на масовна поддршка за кандидатите на коалицијата предводена од СДСМ во вториот изборен круг, истакнувајќи дека стојат цврсто на ставот дека коалицијата може заедно да направи пресврт и во вториот круг да обезбеди победа, а со тоа, како што велат, и поддршка на владините политики.

„Остануваме цврсто определени за реформите кои обезбедуваат да останеме на патот кон Европската унија, да јакне стабилноста и економскиот развој. Само сите заедно можеме да направиме пресврт и во вториот изборен круг да обезбедиме победа а со тоа поддршка на владините политики кои се во интерес на граѓаните. Цврсто стоиме на ставот дека треба да продолжиме заедно со цел Македонија да се движи напред“, велат оттаму.

ВМРО-Народна партија соопшти дека останува на своите заложби за „континуиран напредок во развојот на демократското општество и стабилен животен стандард како и растот и развојот на македонската економија, а притоа водејќи се од интересот на граѓаните и нивната желба за интеграција во Европското семејство.“

„ВМРО-Народна партија како дел од Владината коалиција која во моментов држи стабилно парламентарно мнозинство, мора да го реализира докрај зацртаниот пат кон конечна интеграција на државата во ЕУ, а тоа може да го направи само со цврста волја и стабилен тим кој го поседува токму оваа коалиција „Најдоброто за нашата општина“, се вели во соопштението од ВМРО-НП.



„И покрај фактот дека политичката партија Нова Алтернатива која учествува на Локалните избори заедно со СДСМ и КОАЛИЦИЈАТА не успеа да добие место во Општинските Совети во Општините Центар и Кисела Вода спак цврст останува предодредена на реформите и на стратешките приоритети за интеграција и европеизација на Република … Македонија, а со цел да се спречат сите ризици за шпекулации и за загрозување на владините реформски агенди,“ соопшти партијата Нова Алтернатива, чиј претседател е Ѓорѓи Оровчанец.

Достоинство на Стојанче Ангелов соопшти дека, со оглед на тоа што напредокот на државата е нивна највисока цел, „очекува стабилното владино мнозинство да го продолжи македонскиот демократски и европски пат“.

Слично соопштение издаде и Партијата за европска иднина – ПЕИ, која наведува дека во престојниот период ќе биде „максимално вклучена во стабилното владино мнозинство бидејќи наш врвен приоритет е движењето напред на Република Северна Македонија по демократскиот и европски пат, со стабилни владини институции во кој ќе партиципираат стручни и посветени кадри на ПЕИ”.

Претходно, својата поддршка за владејачката коалиција ја потврди и БЕСА, чиј лидер Биљал Касами во вториот круг се бори за градоначалник на Тетово против Теута Арифи од Демократската унија за интеграција. Дека мнозинството е стабилно, денеска нагласи и ДУИ.

ЛДП и ДОМ, кои настапија самостојно на локалните избори, дека немаат намера да ја напуштат власта, но, за разлика од останатите партнери, не побараа отворена поддршка за СДСМ, туку им оставија на нивните гласачи самостојно да одлучат како ќе се однесуваат во вториот круг.

Дека остануваат дел од владината коалиција потврдија и Партијата на пензионерите, Демократската партија на Турците, Демократскиот сојуз на Власите, Сојузот на Ромите и ПЦЕР.

Претходна статија

Осумдесет и едногодишна жена изгоре во пожар во нејзината куќа

Следна статија

СДСМ- Скопје: Данела Арсовска е кандидат на урбаната мафија што го уништи центарот на Скопје

Најново од Вести