Патот од молкот до триумфализмот …

//

Пишува: Никица Корубин

Ден после прифатената автокефалност на МПЦ-ОА од страна на СПЦ, започнува неконтролираниот триумфализам. Рака под рака со превземањето на заслугите. Слично, како и со Преспанскиот договор, кога сите, додека се одвиваше процесот на негово заклучување, ратификување и уставните измени; молчеа и калкулантски чекаа; па уште свесно и неодговорно го заобиколуваа, игнорираа на тој начин не почитувајќи го својот устав и сопствените одлуки; ама затоа сега сите обилно се послужуваат со придобивките: решен и дефиниран статус во Обединетите нации и членството во НАТО. Сега сите се заслужни, а и тука има најзаслужни. Сите спремни за прославата.

Триумфализмот во поглед на црковното прашање е исто или слично индикативен, иако како прашање има сопствен историјат, неспоредлив со било што друго. Имено, неговото решение, барем она достапно за јавноста, се одвиваше со голема брзина; и во тој краток временски процеп имаше простор за се’: време за калкулантство, време за “мудро” молчење и време за навивачки триумфализам. Со меѓу фази, на шок од одлуката на Вселенската Патријаршија, неизмерна радост од првата одлука на СПЦ, особено за делот на “враќање во автономниот статус на СПЦ”, па се’ до последната одлука на Соборот на СПЦ за “прифаќање, признавање, доделување и благословување” на автокефалноста, процес кој денес, единствено надлежниот, Вселенскиот патријарх убаво го објаснува.

И како во овој, политички, но во основа црковен спор; успева нашата “јавност” во духот на христијанската помирливост и скромност, да ја вметне Бугарија, со тримфалистичка поука “како требало да се решаваат” споровите, останува нејасно. Во занесот на воспевање на Вучиќ, се заборави и томосот што треба да следи од Вселенската патријаршија, се заборавија и сите актери кои учествувале во овој процес, а особено се заборава дека без одлуката за враќање во канонско единство и ништо од ова немаше да се случи. Иако, во овие десетина дена, на секој начин “јавноста” се обидуваше да ја вмеша Бугарија во приказната, таа доследно остана на страна: нема никаква официјална реакција, ниту од владата, парламентот, а ниту од БПЦ. На наша голема жалост, се чини, односно на жалост на планот на “јавноста”, да ја исцрта линијата “добрите Срби и лошите Бугари”.

Но, зошто никој не се занимава со суштината? Ова очигледно бил долг, политички, дипломатски и црковен процес. Со разни, влијателни учесници, непознати за јавноста. Неспорно дека улогата на Србија, нивниот црковен и политички врв е голема. Но, кога, во кои услови и како? Кај нас воопшто не се анализира и почитува, реакцијата на нивната јавност: шок и неверување. Ние се однесуваме како само ние да постоиме на овој свет. Секоја одлука, секој компромис, има своја цена. А, овој спор, кој суштински и не е само црковен, туку многу повеќе историски и политички, територијален и култоролошки; има сериозен историјат. Со јасно зацртани позиции на српскиот дискурс, кој најлесно се негуваше во рамките на СПЦ. И тешко кој ќе поверува дека тој дискурс, така магично е променет за десетина дена. Времето ќе покаже, а и постапките кои следат. Затоа е потребно и овој исход, да се анализира во поширок контекст на регионални и светски случувања, а особено позиционирањето на Србија. Во еден мој претходен текст, прашав “што ќе прават нашите србофили, доколку Србија се сврти кон ЕУ”?

Но, да се вратиме на нас самите и зошто секој наш успех, се обидуваме да го претвориме во неконтролиран, а всушност строго контролиран дискурс. Овој “триумф” е всушност договор. Со сериозно покровителство, Вселенската Патријаршија. Како што беше и Преспанскиот договор, со сериозно покровителство на Обединетите нации. Останува Договорот со Бугарија, кој е со сериозно покровителство од Европската Унија. И наместо “јавноста” да се сити и да ја подучува Бугарија; нека ги подучи малку сопствените граѓани. За усвоениот извештај на ЕУ, за Северна Македонија, каде веќе и формално како обврска е влезено доследно и целосно исполнување на Договорот со Бугарија од 2017 година (што значи дека до сега не сме го исполнувале), како и решавањето на заедничката историја. А, не е лошо да не’ потсети, “јавноста” како што ЕУ не потсетува за потребата од “отварање на досиејата на УДБА и КОС”, што очигледно, замислете во 2022 година, повеќе од 30 години од нашата независност, за ЕУ се од исклучителна важност.

Бидејќи, радоста е толку голема, колку што достоинствено ќе ја примиме. И ако го славиме решавањето на црковното прашање, во контекст и на Преспанскиот договор, да не го заборавиме крајниот исход: членство во ЕУ и целосно европеизирање на државата, а така и на нашата “јавност”. Од која сега очекуваме, јасен и транспарентен став и поддршка за договорот со Бугарија. Со истиот сентимент, ако може, па нели сме скромни и непристрасни, цивилизирани и проевропски?





Претходна статија

ЕК повика Бугарија да стане дел од Шенген зоната

Следна статија

Ударот врз Ново Село како пример за масовна дебугаризација

Најново од Истакнато

Ковачев: На местото на спомениците на окупаторската Црвена армија во Софија и во Пловдив да се постават споменици на Левски, Ботев, Гоце Делчев, Тодор Александров и Ванчо Михајлов

Бугарскиот европратеник од редовите на ГЕРБ-СДС Андреј Ковачев, даде интересна идеја за тоа што треба да

Туѓа влада

Facebook статус на Никола Димитров Новата опаковка на предлогот е апсолутно истиот непоправлив дебакл со кој