Педесет нијанси сиво

//

Facebook статус на Никица Корубин

Дали може со една реченица да се даде одговор, кој во моментов ги блокира или опструира евроинтеграциите? Со еден збор? Дали се тоа точно определени, дефинирани и апсолвирани чинители? Дали е тоа црно-бела приказна на добри-лоши, без разлика дали станува збор за политички партии, поединци, медиуми, академици, бизнисмени или што и да е влијателно во нашето општество? Дали со сигурност може да се посочи очигледното, без да остане сериозен сомнеж за скриеното? И кој е главната опасност: видливиот или маскираниот? Маскиран во експерт, маскиран во аналитичар, маскиран во новинар, маскиран во про-еу политичар, маскиран во про-еу функционер, маскиран во се’ што оддава добра “шминка”, а е всушност “празна содржина”. Што е поопасно, “црното” или “сивото” и колку сивото внимателно го оддржува сивото? И колку всушност нијанси има сивото?

Дека политиката кај нас, доминантно се разбира како прашање на контрола, а не на управување, не е ништо ново. Не е ништо ново и дека таа контрола има тенденција, да биде целосна, многу поблиску до авториарно, отколку до демократско поведение. Контрола на процесите, контрола на наративот, контрола на институциите, контрола на целокупниот дискурс. Нема простор за изненадување, а уште помалку за одлучување надвор од замислената траекторија. И со такво сознание, дали е изненадување што антиевропските струи и тенденции го имаат целиот простор и сите можности за слободно ширење низ етерот, мрежите, институционалноста и пара-институционалноста. Секаде. А, контролата како лајтмотив и modus operandi нема? Има, се разбира. Контрола, непречено да се шират, негуваат и оддржуваат во живот, институционално и вон-институционално, официјално и неофицијално, формално и неформално, како сакате и кога ќе посакате, насекаде и во секое време.

И нема да беше чудна ваквата “слобода” на “пуштање од ланец” на целата деструктивност, ксенофобија, потенцијална анархија, нихилизам, квази-национализам, шовинизам и сето спакувано и внимателно построено зад контрадикторното двојство “идентитетот не го даваме”/”од ова држава не бидува”; да не бевме кандидат за ЕУ и НАТО член, што претпоставува доминантно европско поведение, во смисла на цивилизациски вредности на елементарно поимање на концептот на организирана држава на принципите на парламентаризамот, граѓанското општество и функционалниот систем.

Со други зборови, кој/кои тоа во европска држава, поттикнува(ат) и овозможува(ат) не-европско однесување и разорни тенденции? Кои од тие што цврсто ја држат контролата во партијата, ама лабаво во државата? Или во било која друга организирана форма (медиум, бизнис, академија, универзитет, невладини организации). Ако, контролата е иманентна на разбирањето на политиката и делувањето, а таа отсуствува таму каде што е најпотребна, тогаш единственото прашање е кој се’ е во “сивата зона”, “европејци” за јавноста, а прилично суштински анти европејци, во сивилото на статус квото, во кое треба да остане државата, на краток, среден рок, чекајќи “нешто” да се случи, а тоа “нешто” сигурно не е “европски” како едноставна парадигма на независна и средена држава.
“Сиви” се многу деновиве иако сакаат да оддадат впечаток на совршено “бели”. “Чисти и невини”, “посветени и слободни”, “борци за демократија” и “застапници на правата”. А, всушност сивилото ги издава, се сопнуваат одново и одново на истата матрица, латентниот “анти став” кој варира зависно од околностите и наметнатите процеси, најчесто е “антиалбанство”, тековно е “антибугарство”, редовно е “антидржавно”, и секогаш е на линија на “во мое време”, без исклучок тргнува од личната позиција, а не од колективниот интерес, иако константно “бара” од истата таа “држава што не чини”; и никогаш нема објаснување за сопствениот привилегиран, граден со “обилна поддршка од секаков вид” статус.

Затоа што во општество растено и базирано на “контрола”, контролата е прво кој и што смее да биде, каже, направи. И доколку се поремети тој поредок, настапува куршлус. Кој тоа поредок се загрозува со целосната интеграција на Северна Македонија во ЕУ, па сите “бели и црни” се обединија во “сиви”? Кој има улога да глуми “бел” а кој да глуми “црн”? Кој е суштински и целосно спремен за вистинско европско поведение, каде што свеста за државата, ќе биде на исто рамниште со свеста за сопствената улога во целата таа констелација. Ама, државата посматрана како независна, наша и европска; а не држава како наследена, поклонета и времена? Дали и свеста се изгуби во “сивата зона”?

Има нешто кое што е потценето во политиката кај нас, иако во свесно приземното поимање на политиката, излишно е да се говори за суштински прашања. Сепак, имајќи предвид дека имаме пример од соседството, на она што аналитичарот Арсим Зеколи го нарекува “радикално поведение” во брилијантниот опис на “радикализмот vs екстремизмот (“Несветиот пакт на екстремисти и умерени против радикали”), косовскиот премиер Албин Курти; а тоа е искреноста. Искреноста во неговиот исказ, зачинета со едноставноста на кажаното, го разголе, како ништо претходно екстремизмот, истиот оној екстремизам, кој што се надвил како “сиви облаци” и над нас.
И во име на таа искреност, која очајно недостасува во македонската политика, да си го поставиме и дадеме одговорот на прашањето: дали сме спремни да се соочиме со сите нијанси сиво, да се соочиме со нас самите и да ја погледнеме државата, општеството и сите кои се дел од него, некои како узурпатори, а некои како потчинети; ама да ја погледнеме над “сивите облаци”, каде што е “ведро”, без маглата на манипулацијата, пропаганда и контролата? Можеби сликата нема да биде убава, ама конечно ќе биде наша, а не нивна. И ќе биде чиста, ослободена од сите нијанси сиво.



Претходна статија

Во Софија ќе се одржи настан посветен на Дона Ковачева, блиска соработничка на Гоце Делчев

Следна статија

Одбележуваме 95 години од почетокот на Студентскиот процес против ММТРО во Скопје

Најново од Ваш став