За хаосот во Скопје одговорни се ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, обвини Ковачевски

/

Хаосот што во овој период му се случува на Градот Скопје е само поради неспособноста и бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот претседател Христијан Мицкоски, обвини денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски.

Граѓаните мора да знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ја има градската власт во Скопје. Предлози, односно кадри на ВМРО-ДПМНЕ се најзастапени во сите управни одбори и надзорни одбори на јавните претпријатија во Градот Скопје, вклучително и во ЈСП. И тие ја имаат одговорноста целосна за тоа што денес се случува во Скопје, рече тој.

Ковачевски рече дека СДСМ им честитале победа на локалните избори на ВМРО-ДПМНЕ и на градоначалничката Данела Арсовска и оти како резултат на поразот тогашниот претседател на СДСМ и премиер поднесе оставка и од претседател на партија и од претседател на влада. Во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, кажа тој, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска „беше пречекана со трубачи, со песната „Бела чао“.

Таа беше облечена во бел капут. Цело ВМРО со зурли и тапани стоеше пред зградата и ја пречека свечено на бината во прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во ново блузонче со патент заедно со цело раководство ја пречекаа и кажаа дека го освоиле Скопје. Градоначалникот на Скопје, претседавачот на Градот Скопје се од ВМРО-ДПМНЕ. Членови на ВМРО-ДПМНЕ, директори се членови на ВМРО-ДПМНЕ и немаат никаква врска со СДСМ којшто е во опозиција во градот Скопје, рече Ковачевски.

Тој повторно обвини дека ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво не работи ништо. Потсети дека на 14 јануари кога се бирала неговата Влада, Скопје немаше парно што е обврска на градот Скопје и на тие кои го водат градот Скопје.

Мојата Влада беше избрана на 16 јануари, на 17 јануари јас држев две седници на Владата на коишто морав да ги преземам ингеренциите за затоплување на градот Скопје и само заради тоа градот Скопје има затоплување. Тие сакаат знаете што да направат – истото што го прават денес. Ова што се случува во Скопје е организација на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски и на никој друг. Тоа е нивна организација, рече Ковачевски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ сакало на 17 јануари Скопје да нема парно, а ако Скопје нема парно греење електричната мрежа во Скопје не може да издржи потрошувачка на толку многу грејни тела што би се вклучиле во Центар, во Карпош, во делови на Кисела Вода и.т.н. – 63 илјади домаќинства доколку додадат грејни тела не можат да издржат трафостаниците.

Тоа ЕВН го кажа и затоа го презедовме. Сите вие добивате сметки за парно дома коишто се субвенционирани од страна на Владата. Градот Скопје не го интересираше исто како што не го интересира превозот. Каде настана проблемот? Кога седнаа победниците на изборите тогаш видоа дека има оставено проекти од СДСМ – градоначалниците коишто пред тоа беа и раководителите на институции, бас-рапид транспортот, пречистителна станица во Скопје, Момин Поток клучка, патот за Визбегово, обврска да се направат кружните текови кај „Нова Македонија“ за да се поврзе подземната сообраќајница под „Лимак“, мостови Љубљанска – АСНОМ. Кажете ми една работа што е направена, праша премиерот.

Ковачевски обвини дека „кога се испокараа за провизии им текна генијална идеја – градоначалничката на Скопје била сега со нас.

Е како била со нас? Каде била со нас? Не стоев јас со трубачи пред СДСМ. Таму беа трубачите во ВМРО-ДПМНЕ. Ние честитавме победа на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска за град Скопје, рече премиерот.

Праша исто така што е направено во Прилеп, во Битола, во Штип, во Кочани, отфрлајќи ги тезите дека имал тајни средби со Арсовска.

Ако почнат и таму да се караат ќе почнат да викаат дека и тие со мене се гледале. Ниту сум имал тајни средби, ниту ќе имам тајни средби, ниту имам. Јас сум човек којшто сите мои средби ги најавувам и ги имам транспарентно и од сите има соопштение. Така било од прв ден до денес и така ќе продолжи да биде и во иднина, рече Ковачевски.

Обвини дека Скопје сега е заглавен град, како што држвата 11 години била заробена додека ВМРО-ДПМНЕ биле на власт, како и дека следната година стасува за плаќање обврзницата за проектот Скопје 2014.

Значи, самонаречениот градоначалник на Скопје Мицкоски, мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ, членовите на управните и на надзорните одбори од ВМРО-ДПМНЕ се единствените виновници што денес Скопје е заглавен град исто како што беа виновници што 11 години Македонија сега, тогаш Македонија, беше заглавена држава според сите извештаи на сите меѓународни институции. Не заглавена, туку заробена држава бевме. Пет години ни требаше на меѓународните рангирања да ја вратиме државата во групата на држава во коишто владее демократија, рече Ковачевски.

Она што му го направија на Скопје, додаде тој, со проектот „Скопје 2014“ за којшто сега доаѓа да се враќа обврзницата, сега доаѓа да се враќа.

Затоа Бесими информираше дека идната година мора да обезбедиме 1,5 милијарда евра за враќање. Епа над пола милијарда е стиропорот што паѓа околу зградава кога ќе дојдете, рече премиерот.

Истите луѓе што денеска држат прес-конференции, кажа тој, работеа на кампањата на Данела Арсовска да стане градоначалничка на Скопје.

„Дрисла“ ја затворија, цело Скопје го блокирале. Зашто? Затоа што не ги бива. И една работа ќе им порачам. Јас овде излегувам заедно со министрите со конкретни проекти, немој они да се замајуваат со Отворени денови во општините па сега ќе собирале идеи. Тие дојдоа со програма на локалните избори на власт, во секоја општина вклучително и градот Скопје. Нула имаат реализирано. И ќе им порачам уште една работа до следните локални избори има уште две години и 10 месеци, лета времето, рече Ковачевски.

Извор: zoom.mk

Претходна статија

Кривична пријава за малолетник кој испратил една од лажните пријави за бомби во училиштата

Следна статија

Русија со нови ракетни напади врз Украина

Најново од Вести