ПЕЛИСТЕР ВО 94 МИНУТА ПОБЕДИ ЗА ПРВО МЕСТО, БЕЛАСИЦА ГО ДОБИ ДЕРБИТО ВО ГЕВГЕЛИЈА

Битолската гордост Пелистер се измачи денеска за да го победи последниот Охрид Лихнидос во 13-то коло во второлигашката конкуренција, па во 94-та минута со гол на Горан Ганчев стигна до триумф од 2-1 за да се врати на првото место на табелата откако Лабуништа го доби дербито со Скопје со 2-0.

Битолчани беа на раб на нов кикс откако Даниел Котевски пет минути пред крајот израмни по водството на Пелистер со гол на Игор Момировски во 65-та минута, но Ганчев со погодок во судиското надополнување донесе голема победа, па сега со 24 бода, исто како и Лабуништа, битолчани се лидери.

Петар Љамчевски и Климе Далчески во второто полувреме дадоа голови за Лабуништа за да ги победат „пиратите“, кои во ова коло влегоа како лидери во западната група, во која Кораби го победи Гостивар, а дожд од голови имаше во Кадино, каде истоимената екипа и Дрита одиграа реми 3-3. Без голови заврши само мечот во Форино помеѓу Вардар и Влазерими.

На Истокот, Беласица ја освои Гевгелија во дерби пресметката со Кожув за да остане лидер со головите на Стефан Сулев во 10-та и Ѓорѓи Марков во 63-та минута од мечот. Минимална победа запиша и Тиквеш кај последниот Питу Гули со гол на Емир Скендери на две минути пред крајот, додека Кит Го во Кочани со гол на Бошко Ступиќ во 90-та минута стигна до триумф над Осогово со 2-1 за да остане во врвот со ист број на бодови како и Тиквеш.

Од 17 часот во Штип се игра пресметката на Брегалница и Каменица Саса.

ВТОРА ЛИГА – ИСТОК
Питу Гули – Тиквеш 0-1, Осогово – Кит Го 1-2, Плачковица – Победа 0-0, Кожув – Беласица 1-2, Брегалница – Каменица Саса (17 часот)
ТАБЕЛА: Беласица 31, Тиквеш 27, Брегалница 27 (-1), Кит Го 27, Кожув 26, Каменица Саса 16 (-1), Плачковица 12, Победа 8, Осогово 6, Питу Гули 3

ВТОРА ЛИГА – ЗАПАД
Вардар Форино – Влазерими 0-0, Лабуништа – Скопје 2-0, Кадино – Дрита 3-3, Пелистер – Охрид 2-1, Кораби – Гостивар 2-1
ТАБЕЛА: Пелистер 24, Лабуништа 24, Скопје 22, Влазерими 22, Гостивар 19, Вардар Форино 18, Кораби 18, Дрита 17, Кадино 9, Охрид 8

Извор: Спорт1



Слични Објави