ПЕНДАРОВСКИ-ЛАМБЕРЦ: ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ ЗА ИНТЕНЗИВИРАЊЕ НА РЕФОРМСКИОТ ПРОЦЕС
Претседателот Стево Пендаровски, денеска имаше средба со Карл-Хајнц Ламберц, претседател на Европскиот комитет на регионите на која го повторил очекувањето дека Европскиот Совет во октомври ќе одреди датум за почеток на пристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ.
Датумот за почеток на преговори, според Пендаровски, ќе биде поттик за натамошно интензивирање на реформскиот процес, а во функција на севкупниот напредок на државата.
Двајцата соговорници, како што соопштија од Кабинетот на Пендаровски, ја истакнале важноста на процесот на децентрализација и на соработката на локално ниво меѓу градовите и регионите, како важен предуслов за решавање на предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, меѓу кои климатските промени, енергетската ефикасност, животната средина и безбедноста.
„Пендаровски оцени дека посетата на претседателот на Европскиот комитет на регионите на Северна Македонија претставува можност за натамошна соработка и пренесување на искуства, а во функција на подготовка на единиците на локалната самоуправа во Северна Македонија за идното членство на државата во ЕУ“, се вели во соопштението.
