Тоа што Мицкоски прифати уставни измени, во партијата им дојде како шок, вели Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека ВМРО-ДПМНЕ треба да останат во процесот за да се договорат уставните измени.
Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски кажа дека прифаќањето на уставните измени од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во опозициската партија предизвикало шок.
„Знаете им дојде шок. После една година протести, велење дека сте браникот, кога велите дека никогаш нема да прифатите уставни промени и одеднаш на прес-конференција вашиот претседател вели ‘Да. Уставни измени се прифатливи’“, рече Ковачевски.
Премиерот ги бранеше работните групи, коментирајќи дека се вистинскиот формат на кој што треба да се продолжи за договарање на сите детали. Вели дека секој предлог има свои специфики кои треба да се имплементираат и таа имплементација влијае на eвропската интеграција на државата.
Премиерот смета дека е лошо доколку Мицкоски се повлече од преземената обврска и од посветеноста овој процес.
„Доколку тој решил да се повлече тогаш тоа треба да го каже на официјална средба. Дека се она што го кажа на прес конференција, а тоа е дека прифаќа уставни измени, прифаќа впишување во преамбулата на Уставот на државата на делови од други народи вклучително и на делови од бугарскиот народ, дека прифаќа да биде дел од Владата, заедно со СДСМ и другите коалициони партнери“, рече Ковачевски.
Претходно денес, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски го повика Социјалдемократскиот сојуз да каже кои од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ за нив е прифатлив, бидејќи во спротивно нема потреба од понатамошни преговори и губење на време. Формирање на работни групи, заклучи тој, би имало смисла само доколку СДСМ јасно каже, кој од овие два предлози го прифаќа.