Тирана-градот на светлината и образованието
Пишува: Владимир Перев
Никој кој не дошол повеќе од десетина години во Тирана, нема да може да го препознае градот. Изграден модерно, осветлен, со прекрасни булевари, со вегетација на секој чекор и неверојатно чист, за поимите на чистота на нас балканците. Ја нема онаа “темна мистичност“ од времето на големиот Енвер, ама сега ја има цивилизациската нотка на град во држава со просперитет. Светлина и образование, тоа е мотото на бугарите во Албанија, нивното животно кредо и нивните надежи за иднина. Да, тука е и бизнисот, ама тоа не е тема на овие размисли.
Во Тирана има неделно училиште за бугарски јазик, култура, историја и образование. Сместено е во прекрасен хотел, и во скромна училница. Движечката сила на процесите во образованието е Хаџи Пируши, бугарин од Голо Брдо, со место на живеење и работа во Тирана.
Сабота е ден на образованието на бугарите во Албанија и сите се присутни, со своите деца, на наставата. Тука се основачот Хаџи Пируши, амбасадорот Ивајло Киров, заменик амбасадорот Асен Пачев, конзул Благој Петров, заменик конзулот Петар Принов, дословно целата амбасада.
Наставник по бугарски јазикна помалите одделенија е Миранда Бело, сопругата на Раки Бело, кој исто така преподава на поголемите ученици. Раки работи на јазикот со студенти и кандидат-студенти. Миранда е по порекло од Стеблево, Голо Брдо, родена во Елбасан и е од оние за кои се говори дека се последната внатрешна емиграција во Албанија. Има завршено филологија. Училиштето се финансира по програмата од Министерството за образование на Бугарија, каде Хаџи Пируши се кандидира и добива средства. Дел од средствата дава и самото Друштво на Хаџи Пируши, а помагаат со свои финансии и родителите на децата. Раки Бело вели дека целта на ова училиште и на друштвото е тоа да прерасне во лицеј-колеџ, кој еден ден и ќе се самофинансира.
Ова училиште учествува на меѓународни литературни и уметнички конкурски и добива бројни награди. Амбицијата им е овде не само да учествуваат, туку и да организираат настани како домаќини, такви конкурси и да доделуваат награди. Минатата година имаа организирано изложба по повод 24 мај, изложба на која учествуваа сите бугарски училишта во Албанија. Училиштето, сепак е мало, па децата се менуваат на смени, прво по малите, па потоа големите.

Хаџи Пируши е председател на Дружество “Просперитет“ Голо Брдо. Тој е председател повеќе од триест години, официјално е регистриран од 2000 година. Друштвото брои повеќе од 3.000 души и уште две илјади придружни членови.
Има 73 години, па ми вели, “нека не се радуваат душманите“, татко ми живееше 104 години. Роден е во Стеблево, Голо Брдо.
Ние таму, вели Хаџи, не велиме никогаш дека сме “нашинци“ или “по нашки“. Секогаш велиме “ајде да пееме, да говориме, да се радуваме или да плачеме по бугарски“, какви што сме ние.
Основата на работа се содржи во името “просперитет“, работиме много внимателно вели, ги пазиме законите и овдешните и бугарските. Мисли дека најважно е вишото образование на децата, да заминат за Бугарија, да не го заборават јазикот, да се здобијат со бугарската култура и да бидат овде на сите нивоа на власта и администарцијата, кога ќе се вратат. Кај нас во зоните на Голо Брдо, македонската политика и пропаганда ја нема силата на дејствие. На почетокот на нашата работа имавме проблеми од страна на Македонија и соодветни понуди за премин на тамошната страна, но тоа кај нас не пројде. Ние сме едно со македонците, но основата на нашата работа лежи во Софија. Ние немаме против и да има македонско влијание и емисари, ние сме согласни, секој да се определи како што сака и може, по својата совест. Секогаш сме се труделе да градиме мостови за меѓусебно разбирање, а не ѕидови.

Училиштето во Тирана (неделно), е училиште за бугарчињата од цела Албанија, кои се дојдени отсекаде и овде живеат. Во моментов имаме околу сто деца од градинка до 12 клас, средно и кандидат-студенти. Тоа се само запишаните ученици, но има и други кои идат по своја желба.
Ако претпладнето го поминавме со учениците и наставниците на неделното бугарско училиште во Тирана, попладнето беше за средба со тројца членови на тнр. Граѓанска иницијатива на бугарите во Албанија. Всушност, се работи за вистинските дејатели на бугарската кауза овде, за оние, кои јас без нивна согласност, би ги нарекол хардлајнери на бугарската кауза во Албанија.

Тие тројца, јас и амбасадорот на Бугарија во Албанија Ивајло Киров, заедно со заменик амбасадорот Асен Пачев и конзулот, Благој Петров, тоа попладне седнавме во една засенчена бавча, за да си поговориме за елементарните нешта за правата, не само на бугарите, ами воопшто, на човекот во современиот свет. Составот беше импресивен: Гентијан Кочи, правник, завршил право во Пловдив, доктор по правни науки, докторирал на Софискиот универзитет, Нуредин Нирединај, завршил право на ЕУ, доктор по миграционо право, докторирал на Софискиот универзитет и Алтин Алтерзиу, главен инспектор на туризмот во Албанија, магистрирал туризам во Пловдив.
Истовремено, Кочи е предавач на универзитето во Дурес по право, компјутерски казнени дела, тој е и адвокат во Тирана и официјален преведувач на албанската и бугарската држава во Тирана. Бил заменик декан во Дурскиот универзитет. Овде, вели Кочи, има закони кои на прв поглед ги заштитуваат малцинствата, бугарското е признато, но борбата треба да се води непрекинато. Нема проблем да се самообјавиш за бугарин, а многу од бугарите – албанци се на работа во војската, полицијата, правосудието, во универзитетите. Порано имаше разлики бидејки ние сме од Голо Брдо и ни правеа споредби со Чамите, во лошата смисла на зборот. Чамите се албанците во Грција, Епир. Споредбата би била, нешто како за „лоши луѓе“… сега тоа престанало, бидејки државата има други приоритети, а ние се покажавме лојални и работливи. Во Голо Брдо бараме општина, ама работата се тегави. Проблемот е во тоа што немаме цензус, бидејќи во Албанија порано се признаваа како малцинства само грци, срби, македонци и аром’ните. Сега ситуацијата е друга, ние бугарите сме признати, па очекуваме да го исполниме цензусот. Дали сме бугари…па јас се сеќавам кога бев на 4-5 години, баба ми ми велеше да ми “говориш на булгарски“. Кога сакавме да не нѐ разберат другите, велевме “не збори арнаутско, збори бугарско“! Тоа и сега се ползува.
Нуредин има сопствена адвокатска канцеларија по миграционо право и е преводач при консулската служба на бугарската амбасада. Потекнува од учителско семејство, а дедо му бил председател на реонен суд за време на Кралството Албанија. Има развиток во демократијата овде, вели. Во 1992 година со Сали Бериша, гораните беа отпуштени од воена служба. Тоа беше политичко решение, но по падот на Бериша, се смени ситуацијата и на гораните им се вратија правата. Жално е што нема инвестиции кон бугарските села, освен кон Шиштавец, кое е туристичко место. Кога се патува кон Голо Брдо може да се види дека има асфалт само кон албанските села а кон нашите, бугарските, стои макадам или земја. Во Гора немаме проблеми со определбата, сите сме бугари. Од Македонија сега нема никаква пропаганда за македонизам, порано имаше напори да се направи нешто, ама без успех. Нема српско влијание овде, тоа е така од времето кога Србија го напушти Косово. Сакаме да има инвестиции за образование, има застој на тоj план, не се снабдеваат училишта со потрепштини, не се стимулира образованието.
Конечно овде населението е благодарно што процедурите за бугарско државјанство се вршат овде во Тирана, така што луѓето за пасош не треба да трчаат до Софија.
Алтин Алтерзиу работи во Министерстото за туризам и екологија, Тој е инспектор. Потекнува од Требиште, Голо Брдо. Требиште е најголемото село во Голо брдо, со најобразовани луѓе, ми вели. Ние таму, немаме никаков проблем со оние кои сакаат да бидат македонци, ние сме едно со нив и ги прифаќаме без проблем…но, ние сме бугари и нашите погледи се упатени кон Софија. Кога кај нас дојде министерот Бујар Османи, немаше никакви проблеми, ама кога проговори дека, преку нас, се прави некаква бугаризација во Албанија, тоа беше навредливо за сите нас. Ние сме си биле отсекогаш бугари, некои од нас живеат во странство, па дали и брат ми кој е во Италија, прави бугаризација на Италија. Ние побаравме кај нас да дојде Османи, ама само за да интервенира, да се отвори граничниот премин кај нас, работно на 24 часа. Треба да се отвори преминот за ние да можеме за час да стасаме до Струга, а ако одиме од албанската страна, ќе ни треба половина ден. Сега е отворен преминот, ама само за локалците, другите не можат да минат.
Полушеговито, но наполу вистински присутните велат дека опстојувањето на бугарската идеја во Албанија е “заслуга“ на Енвер Хоџа. Не ги направил патиштата, не дозволил луѓето да се симнуваат по градовите, па останале во Гора и Голо Брдо капсулирани. Така го сочувале јазикот и неговото именување како бугарски, заедно со традициите и етничката меморија. За нив отсекогаш македонец било територијална определба. Денес е пак така.
Најважното нешто е што оваа високообразована група, собирала потписи за признавање на бугарското малцинство во Албанија. Акцијата била успешна и сега тоа е факт. Нивна била акцијата, за подоцна, како што се вели и како што е редот, некои други да се пофалат со тоа.
Веќе е попладне и полека замира светлината. Во Тирана сеуште не се запалени блескавите светилки. Ние седиме под малата настрешница и разговараме, огреани од светлините на образованието.
