Пендаровски: Македонија е трусно подрачје, не смее да се девалвираат стандардите за асеизмичко градење
Претседателот Стево Пендаровски, зборувајќи за улогата на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, кој е формиран по катастрофалниот земјотрес во Скопје, порача дека не смее да се девалвираат стандардите што тие ги поставиле. Посочи дека тоа е најважно за безбедна држава, која е означена како трусно подрачје.
„ИЗИС прерасна во респектабилна институција. Вие овде знаете подобро од мене и од нас дека живееме во држава која е означена како трусно подрачје, каде што идни земјотреси не се исклучени. По ниту една цена не смееме да дозволиме да се девалвира тоа што со децении го создавате. Воспоставивме високи стандарди за асеизмичко градење. Клучот за просперитетна и безбедна држава е вложување во научните институции“, рече Пендаровски.
Зборуваше за формирањето на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија Скопје во 1965 година. Се потсети и на моментите по непогодата.
„Одбележувањето 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје е можност да се присетиме на сите сограѓани што ги изгубија животите. Затрупани останаа 1.070 биографии, радости, дилеми за иднината. Непогодата ги одзеде животите на нашите најмили. Беа повредени над 3.000 граѓани, а стотина имаат траен инвалидитет. Природната стихија го промени лицето на нашиот град засекогаш“, рече Пендаровски.