|

Пендаровски: Прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи деблокада на евроинтеграциите

Актуелните политички состојби во земјава и процесите поврзани со европските интеграции беа тема на разговор на денешната средба на претседателот Стево Пендаровски и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која е во посета на Скопје.

Како што информира Кабинетот на претседателот Пендаровски, претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен потврди дека со првата меѓувладина конференција којашто треба да се одржи набрзо, доколку биде прифатен предлогот за преговарачката рамка, започнуваат конкретните преговори и веднаш започнува скрининг процесот.

-Исто така, со започнувањето на пристапните преговори со ЕУ, најбрзо што е можно ќе се пристапи кон потпишување на билатерални договори меѓу Северна Македонија и Европската Унија, на македонски јазик и на останатите службени јазици на Унијата, се вели во соопштението.

Претседателот Пендаровски го реафирмираше ставот дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи деблокада на евроинтеграциите и отворање на првата фаза од пристапните преговори, што ќе претставува позитивен импулс за реформскиот процес и напредок на Северна Македонија.

Во тој контекст, претседателот Пендаровски потенцираше дека македонскиот јазик и идентитет мора да бидат почитувани и гарантирани од страна на Европската Унија.

Слични Објави