Пендаровски во Македонски Брод: Гласајте за претседател кој нема да ве дели на ваши и наши, вие сте сите мои
Третиот ден од кампањата кандидатот за претседател Стево Пендаровски го започна со средба со граѓаните на Македонски Брод.
Пред присутните Пендаровски се заблагодари за поддршката што тој ја добива не само денес, туку и во изминатите 10 години. Потсети дека во првиот мандат бил претседател на сите граѓани без притоа никого да не привилегира.
„Без разлика дали некој доаѓал од Брод или од Скопје, кај мене сите сте биле дочекани на еднаков начин. Не може да каже ниту еден дека бил привилегиран затоа што е Македонец, Албанец, Влав, Турчин, Ром, Бошњак…затоа што во изминативе пет години се трудев и мислев дека бев претседател на сите граѓани“ порача пред граѓаните на Македонски Брод, Стево Пендаровски.
Корупцијата, додаде Пендаровски, е туѓа како за мене, така и за сите оние што работат за мене.
Осврнувајќи се на понудата на другите кандидати, Пендаровски порача дека тој нуди европска иднина и членство во ЕУ за неколку години, додека ВМРО-ДПМНЕ нуди враќање назад во изолација.
„Ние нудиме ЕУ за три до четири години, тие нудат изолација, а додека беа на власт обичниот народ не го есапеа. Тие нудат само членовите од нивната партија да напредуваат во општеството, а сите други да немаат право на живот“ истакна Пендаровски.
Пендаровски ги повика присутните на 24 април да дадат поддршка за бројот еден.
„Гласајте за број 1 на 24 април и да го направиме истото, за да имате претседател кој нема да ве дели на наши и ваши, вие сите сте мои. Имам син на 22 години и сопруга и тие се мое семејство. Сите 1,8 милиони граѓани кои живеат тука ќе бидете мое семејство во наредните 5 години,“ порача Пендаровски.