Поранешниот советник на Зеленски: Се’ оди кон „корејско сценарио“
Алексеј Арестович – поранешен советник на претседателот на Украина, смета дека по завршувањето на борбените операции во Украина, можно е „сценариото со двете Кореја“, пренесуваат медиумите.
Според него, конфликтот може да не заврши како што очекува Киев, а постои можност Украина да не си ги врати териториите.
„Што ќе се случи со општеството кое имаше преголеми очекувања, а ќе добие условени нови договори од Минск? Оваа пролет на неисполнети очекувања ќе не’ погоди толку силно – и морално и на сите други начини што едноставно ќе бидеме вон себе“, рече Арестович.
Како што додаде тој, крајот на конфликтот можеби нема да ги оправда очекувањата на Украинците, не затоа што „подмолните Американци не обезбедуваат оружје или ја одложуваат испораката“, туку затоа што, според Арестович, „за успех се потребни 400.000 добро обучени војници со оружје на НАТО што ќе ослободи територии“.
Тој посочи дека Киев нема толкава сила, ниту ќе има во наредната година.
Арестович заклучува дека Западот останува „да ја формира Јужна Кореја со гаранции“.
На почетокот на јануари, секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Алексеј Данилов, тврдеше дека Русија има намера да и предложи „корејско сценарио“ на Украина за решавање на конфликтот.
Сепак, Кремљ ги негираше неговите наводи.
Инаку, демилитаризираната зона што ги дели Северна и Јужна Кореја беше поставена таму по потпишувањето на договорот за примирје во 1953 година, кога беа прекинати воените дејствија на Корејскиот полуостров кои беа во тек од 1950 година.
Северна и Јужна Кореја сè уште немаат склучено мировен договор.

