Пендро Санчез во Киев – Шпанија и’ подари 6 тенка „Леопард 2“ на украинската војска
Шпанскиот премиер, Педро Санчез, пристигна во Киев за да ја изрази својата поддршка за Украина, ден пред првата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина.
„Се вратив во Киев, една година по почетокот на војната. Ќе бидеме со Украина и нејзиниот народ додека мирот не се врати во Европа“, напиша тој во пораката на Твитер на шпански и украински, заедно со видеото на кое се гледа како излегува надвор од возот во Киев.
Според информациите од шпанската влада, Санчез во Киев бил пречекан од украинскиот заменик министер за надворешни работи, украинскиот амбасадор во Шпанија и шпанскиот амбасадор во Украина.
Во текот на денот тој ќе биде примен од украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Денешната посета на Санчез на Киев е негова втора посета на главниот град на Украина од почетокот на војната. Американскиот претседател Џо Бајден ненајавено дојде во Киев во понеделникот, а италијанската премиерка Џорџа Мелони во вторникот.
Во пресрет на посетата на Санчез, шпанската влада вчера објави дека на Украина ќе и’ подари шест тенкови Леопард 2А4 и дека може да испорача уште тенкови доколку има потреба.

