ВО ПРИЛЕПСКИОТ ТЕАТАР СЕ ПОДГОТВУВА ПРЕТСТАВАТА „БАСНИ“

Во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ почнаа подготовките на новата претстава „Басни“ во режија на Кирил Петрески.

Според режисерот Петрески, оваа претстава за деца како тема ги има најстарите литературни родови – басните кои ги сакаат не само најмладите, туку и возрасните со метафорите кои ги носат.

-Во басната се наоѓа чудесната метафора на детството, кога во свежата и бујна детска фантазија се создаваат поимите и сликите за вечните вистини. Во нив ги има поуките за животот, односите со другите луѓе, но не само со луѓето, туку и со сите суштества и со природата. Животните се вистинските јунаци на бајките, но преку нив се покажуваат човечките карактери, лукавството, зависта, алчноста, мудроста и наивноста, доброто и злото, правдата и неправдата, силата и немоќта и сето тоа е претставено метафорично, алегорично и сликовито. Во претставата ќе бидат сместени басните на неколку автори: на „таткото“ на басната – Езоп, потоа на Лафонтен, но и на нашиот Марко Цепенков кој во своите записи од македонското народно творештво има сместено „мали приказни за животни“, како што тој ги нарекува, објаснува режисерот Петрески.

Во претставата ќе играат Катерина Чакмакоска – Клинческа, Јасмина Мицовска – Станкоска, Наташа Наумоска – Ачански, Михајло Миленкоски, Александар Тодески и младата Надица Ѓорѓијоска.



Сценографијата и костимите се на Александар Џинго, музиката е на Томе Темелкоски.

Премиерата на претставата „Басни“ се најавува кон крајот на ноември.

Прилепскиот театар овој месец понуди две премиерни претстави на делото на хрватскиот автор Мирослав Крлежа „Глембаеви“. Едната со актерите на прилепскиот театар, а втората претстава е копродукција на прилепските со актерите од „Евроказ“ од Загреб, Хрватска, и двете во режија на Бранко Брезовац.

Претходна статија

ЕДЕН ОД НАЈДОБРИТЕ ЧЕЛИСТИ – НИКОЛАС АЛШТЕД ВО ФИЛХАРМОНИЈА

Следна статија

ЗАВРШИ ПРВОТО ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ НА МАЛАТА ШКОЛА НА КРАТОК ФИЛМ ВО БИТОЛА

Најново од Култура