|

(Видео) Македонци вплеткани во меѓународен криминал: шверцувале кокаин заедно со Грци и Албанци

Сузбиена е меѓународна организирана криминална група, спречен шверц на 105 килограми кокаин во Грција, организиран од македонски државјани, објави МВР.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски информираше дека во Солун се запленети 105 килограми кокаин и приведени се  10 лица, и тоа 7 лица државјани на Република Грција и 3 лица државјани на Република Албанија, додека во Македонија се привдени 4 македонски државјани.

„Случајот е реализиран како резултат на повеќемесечна размена на информации и веќе успешно воспоставената соработка со Службата за борба против дрога од Солун, за лица кои како членови на меѓународна организирана криминална група преземале низа на дејствија со цел набавка и пренесување на наркотична дрога кокаин од Еквадор до пристаништето во Солун, со намера потоа кокаинот да биде дистрибуиран во повеќе земји“, велат од МВР.

Кокаинот на пристаништето во Солун пристигнал сокриен во три контејнери натоварени со банани од Еквадор, кои биле нарачани и платени од страна на правно лице од Скопје. Сопственик и управител на правното лице е А.К. (70) од Скопје, кој во текот на 2022 година го регистрирал правното лице во договор со С.Г. (58) од Гевгелија, со цел истото да се користи за увоз на овошје од Јужна Америка.

По пристигнувањето во Солун, контејнерите биле преземени од товарно моторно возило со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од македонскиот државјанин М.М. (30), кој бил ангажиран од страна на С.Г.. Откако М.М. го преземал и натоварил контејнерот, тој со товарното моторно возило се упатил во магацин во близина на Солун. По кратко време, од страна на Службата за дрога од Солун во магацинот пронајдено е возилото и во него се пронајдени и запленети 105 килограми кокаин. М.М. се дал во бегство, но откако денеска (10.05.2023) преку зелениот појас на државната граница помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија влегол на наша територија, тој е лишен од слобода од страна на нашите полициски службеници.

Во вечерните часови на 08.05.2023 и во текот на 09.05.2023 од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога, Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Оддел за криминалистичка полиција во соработка со Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје, ОВР Гевгелија и Царинската управа на РСМ, со цел обезбедување на дополнителни материјални докази, беа преземени интензивни мерки и активности и врз основа на добиени наредби за претрес на дом и деловни простории од Судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, извршени се претреси во домот каде што престојува А.К. и на која адреса е регистрирано и правното лице, претрес во домот кај С.Г. во Гевгелија, како и во деловните простории на две правни лица каде истиот е сопственик и управител и претрес во домот кај С.М. (30) во општина Богданци, сопственичка и управител на правното лице на кое биле регистрирани товарното моторно возило и приколката.

За време на претресите пронајдена е и одземена документација од правните лица поврзана со набавка и увоз на овошје од Јужна Америка, мобилни телефони, пари и други предмети кои ќе послужат како доказ во понатамошната постапка.

Лицата се лишени од слобода и во текот на денешниот ден (10.05.2023) од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје до Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК ќе биде поднесена кривична пријава по чл.215 ст.3 од КЗ.

Министерството за внатрешни работи објави дека продолжува со бескомпромисната борба за спречување на шверцот со наркотици и со одличната соработка со полициите од другите држави насочена кон сузбивање на оваа појава.
Видеото погледнете го ТУКА



Слични Објави