| |

Пет медали за бугарските ученици на Меѓународната младинска олимпијада по астрономија и астрофизика во Тајланд

Бугарски ученици освоија пет медали – еден златен, три сребрени и еден бронзен – на Меѓународната младинска олимпијада по астрономија и астрофизика, одржана во градот Убон Ратчатани, Тајланд. Сите петмина претставници на Бугарија освоија одличја, соопшти бугарското Министерство за образование и наука.

На олимпијадата учествуваа 106 ученици од 23 држави, кои ги покажаа своите знаења и вештини во два натпреварувачки дела – теоретски и набљудувачки.

Златен медал освои Павел Казаков, ученик во десетто одделение во Природно-математичката гимназија „Гео Милев“ во Стара Загора.

Сребрени медали освоија Лев Беленки и Димитар Павлов, ученици во десетто одделение во Математичката гимназија „Д-р Петар Берон“ во Варна, како и Виктор Кожухаров, ученик во деветто одделение во Националната природно-математичка гимназија „Акад. Љубомир Чакалов“ во Софија.

Бронзен медал освои Кристијан Хана, ученик во деветто одделение во истата гимназија во Софија.

Раководители на бугарскиот тим беа доцент д-р Александар Куртенков од Институтот за астрономија при Бугарската академија на науките и Никола Каравасилев од Сојузот на астрономите во Бугарија.

Од бугарското Министерство за образование и наука истакнуваат дека успехот е резултат на долгогодишни подготовки и заеднички напори на учениците, нивните раководители и наставниците од гимназиите во Варна, Софија и Стара Загора.

Слични Објави