На посета кај градоначалникот Георгиевски делегација од Амбасадата на САД во РС Македонија
Во просториите на општина Илинден, градоначалникот Александар Георгиевски, одржа работен состанок со претставници на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, на кој беа разгледани можностите за унапредување на меѓусебната соработка и поддршка во реализација на проекти од значење за локалниот развој.
На средбата присуствуваа политичкиот службеник и заменик-шеф на Одделот за политички и економски прашања, асистент за политички и економски прашања во Амбасадата, како и експерт од областа на сајбер безбедноста.
На состанокот се разговараше за можностите за поддршка од страна на Амбасадата на САД во процесот на подготовка и спроведување на проекти кои се од особено значење за развојот на Општина Илинден, како и за јакнење на институционалните капацитети и современите безбедносни практики.
Посебен акцент беше ставен на важноста од воспоставување партнерски односи и размена на искуства во насока на креирање нови можности за локален економски развој, модернизација и унапредување на услугите за граѓаните.
Градоначалникот Георгиевски изрази благодарност за посетата и интересот за соработка, потенцирајќи дека Општина Илинден останува отворена за партнерства кои придонесуваат за развој и подобар квалитет на живот за граѓаните.
„За нас претставува особена чест и значење што Општина Илинден е препознаена како партнер со кој може да се градат нови иницијативи. Ваквите средби отвораат можности за реализација на проекти кои ќе придонесат за модерна, ефикасна и напредна локална самоуправа, во интерес на сите граѓани“, истакна градоначалникот Александар Георгиевски.
Ваквите средби се значајни за продлабочување на соработката, размена на идеи и креирање долгорочни партнерства кои ќе придонесат за понатамошен развој и напредок на Општина Илинден.
