Петрова: Безбедноста на Црното Море е неразделен дел од безбедноста на Европа
Нападот со дронови врз два трговски брода во исклучителната економска зона на Бугарија е апсолутно неприфатлив и претставува грубо кршење на меѓународното право и принципите за безбедна пловидба, изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова, јавува БГНЕС.
„Ова не е само прашање на поморската безбедност, туку и потсетување дека безбедноста на Црното Море е неразделен дел од безбедноста на Европа“, напиша Петрова на социјалната мрежа Икс.
Таа нагласи дека безбедноста на цивилните екипажи и слободата на пловидбата во Црното Море треба да бидат приоритет.
„Тие се од значење за нашите партнери ширум светот, кои се потпираат на безбедната испорака на витално важни стоки од Црноморскиот регион. Ова е уште еден чекор во опасната ескалација на војната во Украина. Треба да ги поддржиме сите можни дипломатски напори за запирање на оваа војна“, напиша Петрова.
Шефицата на бугарската дипломатија соопшти дека е во тесен контакт со европските партнери и со партнерите на Бугарија во НАТО.
„Бугарија ќе работи заедно со нив за да ги процени пошироките последици за безбедноста и пловидбата во Црното Море“, додаде министерката.
